Борис Трајков е обвинет за проневера на 3,5 милиони австралиски долари од добротворна организација во која тој бил соосновач. Дел од парите на организацијата биле префрлани на сметката на неговата сопруга, Слободанка Трајкова.
Според австралиските медиуми, Трајков од 1991 година е носител на Орденот на Австралија за неговите придонеси за македонската и другите заедници. Тој е обвинет за сериозни кривични дела поврзани и со нелегално одгледување на канабис. Добротворната организација, која постои веќе две децении, е во ликвидација поради неплатени долгови. Оваа организација организираше волонтерски сервис за стари лица, мигранти од поранешна Југославија.
Борис Трајков беше новинар во државната медиумска радио станица SВS, водител на програмата на македонски јазик. Таму ја загуби работата за време на бомбардирањето на Југославија од НАТО, кога јавно се произнесе против. Инаку на многумина во Мелбурн им е познат и како долгогодишен член на управата на Битолското друштво кое има свои простории и клуб во Томастаун.
Тој во јануари бил уапсен за наводно одгледување на комерцијален квантитет на канабис. Исто така се товари дека крадел струја додека бил пуштен на слобода под кауција.
Во средата излегоа и нови информации на државниот канал “ABC”, дека Трајков ќе се соочи и со други обвинувања за здобивање имот со измама и користење на лажни документи за добивање на кредит карти, датирани од август минатата година.
Судските документи објавени од “ABC” исто така откриваат дека Трајков, 76, е гонет од законот за 3,5 милиони што недостасуваат во добротворната организација во која тој е коосновач и ја водел повеќе од две декади.
Добротворната организација наречена “Victorian Multiethnic Slavic Welfare Association”, работела со волонтерски сервис за помош на старите мигранти од поранешна Југославија додека не била ставена под ликвидација поради неплатени долгови.
Асоцијацијата имаше детска градинка во северното мелбурншко предградие Лајло. Од судскитите документи поднесени во декември минатата година, ликвидаторот на асоцијацијата тврди дека фалат повеќе од 2,5 милиони долари што биле платени од родителите за градинката.
Исто така понатаму се тврди дека Трајков не можел да објасни 700,000 долари платени во кеш за трошоци, и уште 190,000 долари префрлени од сметката на асоцијацијата на сметката на Слободанка Трајкова.
Ликвидаторот на Victorian Multiethnic Slavic Welfare Association, Давид Васудеван од компанијата Pitcher Partners, изјави дека Трајков не дал објаснување што станало со парите што недостасуваат.
“Во моментов пробуваме да дознаеме каде отишле парите и во недостигот на објаснување бараме компензација”, рече Васудеван.
Во јануари АВС има зборувано со Трајков кој одрекувал било каква мисапроприација со парите. Тврдејки дека сите пари се инвестирани во детската градинка.
Борис Трајков кој мигрирал во 1967 година во Австралија, набргу бил интересен за тајната служба. Тој бил практично набљудуван од тајната служба на Австралија “АSIO” до доцните 70 години од минатиов век, поради неговите блиски дружења со југословенските дипломати. Една година откако пристигнал во Мелбурн, специјално мемо во досието на Трајков тврди дека илегално коцкање се одвивало во неговото кафуле. Повеќе ќе се дознае сега на следното рочиште во судот за обвинувањата за дрога кое е закажано во Април.


