Постар жител на Мелбурн на кому своевремено му е доделен орден на Австралија е лице што е познато во мелбурнската заедница, обвинето е за препродавање дрога.
Борис Трајков (76) обвинет е за одгледување, поседување и трговија со канабис, крадење струја и употреба на лажен документ. Судот за прекршоци во Мелбурн треба да донесе одлука дали постојат доволно докази да биде изведен на судење. Во 1991 година Трајков го доби националното признание за „заслуги за македонската заедница”, а имаше и удел при основањето на Мултиетничкото словенско хуманитарно здружение на Викторија. Против него веќе е поднесено и друго обвинение и кривично се гони за милионски неисплатени долгови поврзани со работата на здружението кое во 2016 година е ликвидирано, и во моментов е на слобода со платена кауција.
Според документите на судот, тој се товари за трошоци и подигнување готовина од банкарската сметка на здружението како и за префрлање поголеми суми пари на сметка на неговата сопруга. Станува збор за $3,5 милиони кои недостасуваат од хуманитарниот фонд чиј коосновач e Борис Трајков, инаку поранешен новинар на SВS радиото, а шеесетите и седумдесетите години бил под присмотра на ASIO поради блиски врски со југословенски дипломати. Поради канабисот беше приведен уште во јануари. Кон првобитните обвинувања за одгледување канабис, додадени се и оние кои не се однесуваат на тоа кривично дело. Станува збор за стекнување имот со измама и користење лажни документи во обид да дојде до кредитни картички. Мултиетничкото словенско хуманитарно здружение на Викторија работело како волонтерска организација за помош на постари имигранти од поранешна Југославија. Имаше и центар за грижа за деца во Лајло, на север на Мелбурн. Здружението се ликвидираше поради неисплатени долгови. Во декември минатата година, ликвидаторите до Окружниот суд во Викторија предале тужба во која се терети Трајков за износ од над $2,5 милиони, кои недостасувале од сметката на здружението. Се работи за пари кои родителите во кеш ги уплатувале за детската градинка. Тие исто така велат дека Трајков не објаснил каде се уште $700,000 кои наводно биле користени за трошоци и готовина повлечена од сметката, како ни $190,000 префрлени од здружението на сметката на неговата сопруга Слободанка Трајкова. И покрај сето ова, здружението повторно е основано, но под нова управа. Во февруари годинава, Слободанка Трајкова била во судницата кога мажот и, тогаш преку видео линк, се појавил пред судот, поради сообраќајни прекршоци, неповрзани со дрога. На судот тогаш е кажано дека Трајков во два случаи на полицијата и дал различни имиња. Кога излегувала од судот, Слободанка Трајкова рекла оти ништо не знае во врска со обвинувањата за финансиските неправилности на нејзиниот сопруг. Ликвидаторот на мултиетничкото здружение Дејвид Васидеван од Pitchers partners во тоа време докажа дека Трајков не дал никакво објаснување што се случило со парите кои недостасуваат од фондот на организацијата. „Се обидуваме да утврдиме што се случило со парите и бараме обештетување. Ние го теретиме затоа што имал пристап до готовината, плаќал трошоци и треба да даде сметка за тоа каде отишле парите и кај кого.”
На почетокот на годинава новинар на ABC, кусо разговарал со Трајков и тој негирал било каква злоупотреба на парите од здружението. Тврдел оти средствата се вложени во детска градинка. Но, ABC добил потврда дека од 2013 година па се до затварањето, центарот за грижа за деца во Лајло бил под контрола на Министерството за образование, поради некои кршења на прописите во организацијата. Поради тоа, центарот добил нови сопственици кои го реновирале и повторно го отвориле. ABC неодамна утврди дека Трајков, набрзо по 1967 година, кога со сопругата емигрирал во Австралија, го свртел вниманието на ASIO, кон себе. Една година по доаѓањето во Мелбурн, во неговото досие кај ASIO се најде и документ во кој се тврди оти во неговото кафуле илегално одржува коцкање. Во 1969 година, во меморандумот на полицијата на Викторија е забележано дека во неговото кафуле, „чести (гости) се крадци…”, како и оти тој (Трајков) е „неработник кој во своите простори прима озлогласени лица”.
„Последните години, известува ABC, Трајков го водеше ресторанот „Нова Европа” во Престон во кој честопати гостуваат пејачи од Македонија и Балканот. Вебсајтот Свет плус го нарекува „надалеку познат газда”, кој во својот ресторан ангажирал „секси пејачки”.
Во октомври 2015 година, двајца моторџии членови на бандата Команчероси, испукале повеќе куршуми во плафонот на ресторанот, а минатата година таму избувна пожар за кој е оценето дека не е сомнителен.
Орденот на Австралија Борис Трајков го добил на роденденот на Кралицата во 1991 година, за „заслуги за македонската и другите заедници”. Генералниот гувернер може да ја укине титулата дадена на лице за кое ќе се утврди дека е одговорно за кривично дело или поради други причини кои ја оспоруваат титулата.