– Моето срце е толку широко, колку тоа на Ердоган. И Одрин (Едрене), Лозенград, Лулебургас, Дедеагач, Кавала, Охрид, Битола, Скопје се во моето срце. Така директорот на Националниот историски музеј Божидар Димитров ја прокоментира изјавата на турскиот претседател Реџеп Ердоган кој изјави дека “не може да мисли поинаку за наведените градови (и уште ред други) кои сега се надвор од Турција – освен како за турски градови”.
– Според договорот од Анкара се протерани најверојатно околу 300 000 Бугари од Лулебургас. Се надевам дека наскоро Американците ќе го отстранат Ердоган. Тој не им е при срце и мислам дека наскоро ќе го сменат. Се обидоа со Ѓулен, но не го избраа вистинскиот човек, коментира уште Димитров за БТВ.
Инаку, министерот за надворешни работи на Бугарија, Даниел Митов, изјави дека нема да има формална бугарска реакција само поради срцето на турскиот претседател и неговата емоционална приврзаност кон неговите сонародници зад границите на Турција. Митов појасни дека реакција ќе има, ако има навистина несоодветно официјално обраќање, а такво сега немало.
А што изјави Ердоган во Бурса?
– Не прашуваат зошто се интересираме за Ирак и Сирија, за Украина, Грузија и Крим, за Азербејџан и Карабах, за Балканот и Северна Африка. Но овие земји за нас не се туѓи. Како да размислуваме за Едрене поинаку отколку за Солун и Крџали? Можно ли е да мислиме различно за Газиантеп и Алепо, Ризе и Батуми, Бурса и Скопје? Ние не зборуваме за други светови, овие географски територии се парчиња од нашата душа. Физички овие градови се во границите на други држави, но границите на срцето ни се широки и ги покриваат и нив – ова го изјави претседателот на Турција, Реџеп Ердоган, на официјална церемонија во Бурса, на 23 октомври.
Ердоган притоа потенцираше три важни нешта: враќањето на смртната казна, заштитата на културно-историското наследство во поранешната Отоманска империја и потребата од нов пристап кон проучувањето на историјата на Турција.