О, колку возбудлива кариера си прокоцка Груевски?

Да резимираме. Македонија го изгуби своето тешко изборено место во процесот на евроинтеграциите. Светскиот капитал не дојде, ниту помислувал да дојде. Паско Кузман не го откопа гробот на Александар и несреќно си ја заврши кариерата. Иселувањето продолжи со загрижувачки интензитет

Пишува:
Божин Павловски

ВМРО ДПМНЕ е голема партија, врсник на македонското осамостојување. Ние од дијаспората силно ја поддржувавме во сите нејзини тешки времиња. Мене токму заради тоа седум години по ред ми пристигнуваше заканувачко писмо дека ќе бидам уапсен ако си дојдам во Македонија. Сакам да кажам дека власта најчесто е расипана и лоша, без разлика кој ја практикува. Во конкретниов случај нашироко е афирмирано мислењето дека актуелните властодршци се многу сериозно осомничени за тежок политички и финансиски криминал.
Пристигна Мајк Зафировски
Да се потсетиме на ударните вести во не толку далечните 2006 и 2007 година, кога Никола Груевски седна во премиерската фотелја. На 5 септември 2006 пристигна Мајк Зафировски, а новиот премиер ликуваше со изјавата: Успешни менаџери од Македонија ќе прават вистинско економско чудо. На сите ѕвона се ѕвонеше дека преродбата отпочнува со најниски даноци во Европа.
На почетокот од октомври Груевски оди во Германија и бара Македонија да се одвои од регионот и да биде вреднувана како најнапредна со реформите. Таа е далеку пред Хрватска во процесите за европска интеграција и пред сите од западниот Балкан подготвена за влез во НАТО. И нејзината финансиска задолженост е ниска, така што би можела да привлече многу поевтини кредити. Со подобри услови, пониски камати. И да нагласиме: претходниците на Груевски биле заслужни за тој напредок што го наградила Европа. Македонија цели 60 години пред Груевски освојуваше симпатии во демократскиот свет.
Ноемвриска изјава на Груевски: рамниот данок ќе ослободи многу пари во стопанството. За шест години стануваме членка на ЕУ, тоа е факт, гордо потенцира тој. Овде ќе пристигне светскиот капитал, ќе го решиме проблемот со невработеноста, ќе го прекинеме иселувањето, ќе ја елиминираме и корупцијата.
Скапо инаетење со Караманлис
Веќе на 9 јануари 2007 Никола Груевски го покажува своето ново лице пред очите на јавноста: воведува зајакнати безбедносни мерки околу зградата во која живее, почнува масовно себерекламирање во домашните и светските медиуми. Остварува кратка арогантна средба со тогашниот грчки премиер Караманлис во Стразбур.
А Караманлис, веројатно оценува дека пред себе има тврд и популарен националист што ќе мора да го одоброволи, ја прави суштинската отстапка и за првпат изјавува дека Грција се согласува во името на северниот сосед да фигурира името Македонија. А во рамките на грандиозниот инвестициски потфат за изградба на автопатот Солун – Александропулос до турската граница, вреден повеќе од 6,5 милијарди евра, обезбедува 82 милиони евра за совладување на клисурата Демир Капија и доизградба на македонскиот дел од автопатот. Во Солун тој појаснува дека работата ќе се заврши многу брзо, додека механизацијата е во непосредна близина. И за неколку години потоа Европа ќе го добие најмодерниот автопат до Турција, вели тој.
Меѓутоа, како реагира Груевски? На 20 февруари таа 2007 година во Ротари клубот изјавува: Заканите на Грција може само да ме налутат. Експресно автопатот Скопје – Гевгелија го прекрстува со ново име: Александар Македонски. Преку ноќ се редат крајпатни табли по целата негова должина. Се преименува и скопскиот аеродром. Караманлис му испраќа писмо на Груевски што го објавуваат само грчките медиуми. Во него тој му порачува: aко работиш така недобрососедски, не само што нема влез во ЕУ и НАТО, туку и нема пари за довршување на вашиот дел од автопатот. И ние оттогаш го мразиме Караманлис, го мразиме, но го сакаме Груевски, го боготвориме заради крајпатните табли, сега веќе испокршени, исполнети со најгрди графити…Грујо им покажа на Грците како се сака татковината, велеа неговите апологети.
Митот за гробот на Александар
Додека се гради и завршува чудесниот автопат од Солун накај Турција, македонскиот премиер е опседнат со археолошки ископувања. Паско Кузман вехементно изјавува дека е на чекор од гробот на Александар Македонски. Се разбира, на Грците им пречи археолошката мобилизација на македонската влада. Нивниот ценет гостин, помошникот државен секретар на САД, Метју Брајза, веднаш им дава сатисфакција со изјавата: Грција има право да ја блокира ФИРОМ на самитот во Букурешт. Тоа е првото сериозно предупредување до Груевски. Но, Милошоски на сите ѕвона огласува: jа добиваме битката за името против Грција. Славје на висока нога, затоа што и Груевски се жени по вторпат. Кутрите македонски граѓани му подлегнуваат на тоа лажно победничко расположение. Отпорот се совладува со корупција, заплашувања, етикетирања. Гласот на интелигенцијата полека исчезнува, во исто време се фрлаат големи пари за компромитирање на опозицијата. А пензионерите стануваат решавачки фактор на сите редовни и вонредни избори.
Тука ќе ја завршиме експозицијата на оваа приказна, за да резимираме. Македонија го изгуби своето тешко изборено место во процесот на евроинтеграциите. Светскиот капитал не дојде, ниту помислувал да дојде. Паско Кузман не го откопа гробот на Александар и несреќно си ја заврши кариерата. Иселувањето продолжи со загрижувачки интензитет.
Земја на депресијата
И веќе со години само лоши работи се пишуваат за Македонија во светскиот печат, каде што Груевски потроши едно азно за себерекламирање. Се претворивме во земја со депресивна живеачка, премногу убиства и самоубиства. И стотици невини луѓе легнаа по затворите. Авантуризмот ја доведе малата држава во ќорсокак.
Зошто премиерот ја презадолжи Македонија? За изградба на административни згради што ќе зјаат празни? За подигање на споменици кои нема да ги прифати националната естетика и етика? Каде се чуло и видело индустриско производство на споменици? И вредеше ли да се презадолжи овој народ за лажни екстраваганции? Лажната историја нема да биде верификувана во ниту една светска енциклопедија. Не знаеше ли Груевски дека македонскиот врховизам се изедначува со авантуризам? Како може еден млад човек како него да сe одушевува и да ги практикува методите на Ванчо Михајлов и Тодор Александров? Па овие наши убијци немаат ништо заедничко со модерната македонска држава. Нивните дела или злодела треба да живеат само во митологиите, нема зошто да им се покажуваат на генерациите по улиците, на плоштадите. Науката ќе се занимава со нив.
Мала дигресија
Ќе направам мала дигресија, колку за идиотите во нашите редови: во 1967 година отидовме на саемот на книгата во Болоња, Италија, со триесетина македонски книги. Кога на федеративниот штанд минуваше сувиот Ванчо Михајлов со капа во рацете, еден Хрват му подвикна: “Иване, стани мало, ово су твоји Македонци”. Сум доживеал гестови на презир од секакви луѓе, но презирот од очите на Ванчо Махајлов не го заборивив никогаш, иако оттогаш поминаа 48 години. Човекот побегна од македонските книги како од чума. Како е можно да му се воодушевуваш на некој што две години пред смртта те нарекол говедо? Или на Тодор Александров? Неколку пати ја посетував неговата ќерка Марија Коева Александрова, која живееше до 1994 година, само да го расчистам прашањето за што се борел татко и. Секогаш решително одговараше: За да ги види сите Бугари во една држава. Таа не постапи како потомците на Гоце Делчев.
Но, да се вратиме назад во суровиот живот. Денес, кога донеодамна семожниот Груевски е соочен со последиците од неговиот авантуризам, па граѓаните не можат да се согласат по прашањето дали тој наплатил провизија од сите поголеми државни зделки или само од Кинезите, кога љубовта за него прераснува во гнев, кога во етерот лебди и прашањето дали тој ги прислушувал граѓаните за да им ги одзема материјалните добра на сите начини, вклучувајќи ја берзата, или само да ги држи покорни, кога будењето на свеста автоматски значи отпор – тој и натаму би сакал да владее. Како некој директор на компанија во стечај, додека не ја потроши, не сака да ја остави. Греота за пензионерите од кои ќе бара сами да си копаат гробови, доколку Македонија ја напуштат младите поколенија.
Резиме
При крајот на оваа болна приказна да резимираме: Груевски знае дека автопатот Солун – Турција од цели 280 километри e одамна завршен со највисоки стандарди и дека Грција плати само 12 проценти од трошоците? Нашиве 26 километри се градат, се градат, се градат. Не треба да погодувате кој е тој што ги гради. Истата компанија што му ја нудеше Караманлис, но сега трипати поскапо. Кој ли те советуваше, црни Грујо, да работиш против интересите на својот народ? Колку убава кариера ти предвиде Господ, зошто си ја урниса во соработка со Ѓаволот? Нели бараш премногу кога инсистираш да владееш со министри и соработници кои јавно признаа дека работеле криминално, ги злоупотребиле институциите, законите, Уставот? Додека сите чесни граѓани очекуваат да постапиш државнички, како секој политичар со морал и етика, тебе помила ти е фотелјата од иднината на државата. Стави се во улога на рамноправен граѓанин, доброволно однеси го својот пасош кај пасошот на Зоран Заев, бори се за својата чест. Во демократиите и лидерот на власта и лидерот на опозицијата се третираат како високи државни раководители рамноправни пред законите. Затоа, воведи легална практика без притвори, нема каде да бегаш ни ти, и ти си дренка од нашиот дол. Верувај, така постапуваат во сите демократски земји. Ако си вистински лидер не ти доликува да те бранат платени кучиња.
Не постои ни теориска можност тие да се бранат како во случајот на „Македонска банка” затоа што е изгубена довербата во судовите и во другите институции. Една голема партија како ВМРО-ДПМНЕ не би требало да ја закочува демократизацијата и да го доведува во ризик опстанокот на државата.

(Facebook статус
на авторот)

Останати вести