Бескрајна наивност или очаен потег при безизлез е писмото на македонскиот Синод и тоа во годината кога се слави 50-години од осамостојувањето.
Светиот синод на Бугарската православна црква ќе се консултира со останатите 14 помесни православни цркви, меѓу кои и руската, српската и грчката, пред да донесе одлука дали ќе ја признае Македонската православна црква – Охридска архиепископија, пишува бугарски „Дневник”.
Од секретаријатот на БПЦ изјавиле дека Светиот синод најверојатно ќе го разгледа предлогот на МПЦ-ОА на седницата закажана за 27 ноември, но дека е тешко да се очекува оти веднаш ќе биде донесена одлука. Причина за тоа е што ова прашање се смета за исклучително важно и ќе треба Светиот синод на БПЦ да изврши консултации со 14-те помесни православни цркви: Цариградската патријаршија, Грчката, Албанската, Полската, Кипарската, Романската, Српската, Грузиската, Руската црква, како и православните цркви на Америка, Чешка и Словачка, како и Ерусалимската, Александриската и Антохијската патријаршија. По консултациите со другите православни цркви, Светиот синод на БПЦ ќе одлучи за предлогот на Македонската православна црква, пишува весникот.
Инаку, Синодот на МПЦ-ОА на 9 овој месец испрати писмо до БПЦ во кое побара од неа да воспостави „евхаристиско единство со возобновената Охридска Архиепископија во лицето на Македонската православна црква”. Всушност се бара официјално признавње на МПЦ-ОА од страна на БПЦ.
Доколку тоа се случи, тогаш „Македонската православна црква – Охридска архиепископија ќе ја препознае и признае Бугарската православна црква – Бугарска Патријаршија како Мајка Црква, која прва ја прифаќа и признава нејзината автокефалност, истата ја обзнанува и актуелизира, претставува и се застапува за неа пред Вселенската патријаршија и пред другите помесни цркви”, пишува во писмото од МПЦ-ОА.
Во писмото МПЦ-ОА додава дека очекува бугарскиот патријарх Неофит да го постави проблемот пред Вселенската патријаршија и да ја застапува страната на МПЦ-ОА за автокефалност.
Бугарскиот весник потсетува дека Македонската православна црква-Охридска архиепископија се одвои од Српската православна црква и прогласи автокефалност во 1967 година, но до денес не е прознаена од ниту една од православните цркви.