Го сменија директорот, пропадна категоризацијата па уште и ќе го селат во Скопје

Претседателството на Друштвото на филмски работници од Македонија (ДФРМ) соопшти дека е сменет директорот на Интернационалниот фестивал за филм и камера “Браќа Манаки” поради програмски несогласувања. Димитар Николов-Таки беше назначен на оваа позиција ланската година и бурно реагираше на сменувањето.

“Поради отсуство од државата јас не присуствувал на Собранието на ДФРМ. Таму се одржала перфидна постапка со која, на предлог на претседателот, прво се изгласала измена во правилникот за “Браќа Манаки”, да има можност да се разреши директорот ако не му се усвои годишниот извештај, што и се случило.
Мојот извештај, инаку најдетален од сите досегашни во историјата на Фестивалот, веќе беше тема на минатото Собрание и враќањето повторно на дневен ред е само формално-правно покритие за мојата смена.
Главната цел на оваа група узурпатори на ДФРМ беше да ме дискредитира како директор на Фестивалот и да го прикаже како неуспешно последното издание на ‘Браќа Манаки’. Иако во минатите шест месеци од завршувањето на Фестивалот никој не даде негативна оценка за него и ниту еден медиум не пренесе таков впечаток за време или по завршувањето на Фестивалот, оваа дружина сака да го претстави последното издание како најлошо во историјата”, вели Димитар Николов-Таки.
Според Николов, оваа група сака да го уништи Фестивалот, зашто, вели, годинешната програма е само континуитет на ланската, која беше од нив прифатена. За неа веќе се одобрени пари од Агенцијата за филм на РМ. Со неа е конкурирано пред странски фондови, пред МЕДИА програмата за поддршка на Фестивалот.
Николов потсетува дека Фестивалот веќе има потврдено важни партнери кои застанале посебно зад новите програми и има обезбедено мониторинг за категоризација во групата на светски фестивали од Б-категорија. Заедно со Градот Битола, требаше годинава да биде и организатор на Годишното собрание на ИМАГО (Светската асоцијација на национални здруженија на кинематографери во повеќе од 80 земји).
“Според овој нов правилник, дури е оставена можноста Фестивалот да не се организира во Битола!”, реагира Николов.

Талески: Додека сум градоначалник, нема шанса фестивалот „Браќа Манаки” да замине од Битола

Pо измената на правилникот na ИФФК “Браќа Манаки”, со која се остава можност Фестивалот да не се организира во Битола, градоначалникот Талески истакна дека засега не постои таква опција.
„Додека сум јас градоначалник во Општина Битола, нема шанса Фестивалот да биде на друго место освен во Општина Битола. Тој може да се дисперзира, но само доколку центарот е тука и доколку ние така одлучиме. Ние сме одлучиле ИФФК „Браќа Манаки” да биде во Битола и тој и понатаму останува во Битола” рече градоначалникот Владимир Талески.
Нереализираната, речиси еднодецениска желба за преселба на фестивалот „Браќа Манаки” во Скопје, повторно ги разгоре страстите кај одредени поединци. За потсетување, во 2008 година веќе постоеше обид за преселба на фестивалот во Скопје, кој тогашниот актуелен директор Томи Салковски, а сегашен член на Друштвото на филмските работници, го образложи како проширување на фестивалот во двата града. По жестокиот медиумски притисок, реакциите од Домот на културата, Општина Битола и граѓаните, дека не се согласуваат со дислоцирањето и дека нема да дозволат тоа да се случи, фестивалот остана во Битола. Тогашниот претседател на Друштвото на филмските работници, Роберт Насков, кој и сега ја извршува истата функција, засега не ги коментира идните чекори за новото фестивалско издание. Дали разрешувањето на Николов и менувањето на правилникот е повторен обид на мала врата да се реализираат нечии желби за дислокација на фестивалот, ќе покаже изборот на новиот директор и натамошните потези.

Останати вести