Иднината на Западен Балкан е во европското семејство, но работа се уште има, а билатералните прашања мора да се решаваат пред влезот во Унијата – тоа се дел од заклучоците по состанокот на шефовите на држави и влади од процесот Брдо-Бриони.
Главната цел на процесот “Брдо-Бриони” е европска интеграција на земјите од регионот и стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.
Домаќинот на состанокот, македонскиот претседател Ѓорге Иванов побара да отпочнат преговорите за членство во Европската унија паралелно со оние што се одвиваат со Грција за името. Во неговата порака тој рече:
„Ако не ни дадете европска иднина, ќе се занимаваме со минатото. Се занимаваме со проблеми од 17-от век, а не размислуваме дека децата ќе ни се родат во 22-от. Конечниот збор го има Европскиот совет, а не Европската комисија. Повикувам Унијата да овозможи паралелно движење на преговорите за членство и надминување на билатералната разлика меѓу Македонија и Грција. По самата своја природа проширувањето е политичко, а не само техничко прашање. А политичкото прашање не може да се реши само со технички пристап и бара храброст, одлучност и креативност од Унијата. Нема подобар пример за тоа од Словенија и Хрватска, кои со помош на Европската Унија успеаја да најдат начин за паралелни преговори. Благодарение на таквиот европски пристап, денес Словенија и Хрватска се лидери на Процесот Брдо-Бриони”, рече македонскиот претседател.
Иванов порача дека најважното што ги поврзува земјите од регионот е желбата за членство во Унијата, па порача ЕУ да не ни дава празни ветувања бидејќи, како што рече, членството за нас не е празен идеал.
Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск пак порача дека е дојден со силна порака и цврста заложба за европската иднина на земјите од регионот. Македонија, според него, покажала дека за една година успеала невозможното да го направи возможно во процесот на преговорите со името. Претседателот на ЕС на крај кажа оптимистичка порака дека според него хорор филмот на Балканот, можно е конечно да има свој среќен крај.
„Ќе го повторам тоа што го кажав за Кореја – невозможното станува возможно. Минатата година слушнав дека е невозможно да се реши ова прашање, меѓутоа блиску сте до успех. Можно е историјата на Балканот, која што личи на хорор филм кој никогаш не завршува, сепак да има среќен крај”, рече Туск.
Тој нагласи дека на регионот му се потребни повеќе позитивни примери, како Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, Спогодбата за утврдување на границата меѓу Приштина и Црна Гора.
Со порака за европската иднина на Македонија и решавањето на спорот со името се произнесе и бугарскиот премиер Бојко Борисов. Според него РМ годинава има историска шанса за конечно решение на дводеценискиот спор за името.
„Се надевам дека Македонија и Грција ќе најдат начин да го решат проблемот со името и тоа мора да са случи многу набрзо, затоа што имаме историска можност и како што кажа мојот пријател Доналд, кој е историчар, во иднината за шеесет години од сега историчарите ќе го оценуваат овој момент”, рече Борисов.
Дека Унијата не може да си дозволи нерешени спорови порача и хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ која рече дека секоја држава се соочува со пречки на патот кон ЕУ, и ја повтори пораката од Туск дека доколку се живее во минатото не може да се живее во иднината. Нејзиниот колега од Словенија, пак, Борут Пахор кажа дека Брисел не може да направи ништо без политичките елити на државите од Западен Балкан.
На состанокот на Процесот “Брдо-Бриони” присуствуваа и претседателите на Србија – Александар Вучиќ, на Црна Гора – Филип Вујановиќ, на Албанија – Илир Мета, на Косово – Хашим Тачи, како и претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина – Бакир Изетбеговиќ. По состанокот земјите од регионот ја потврдија посветеноста за имплементација на неопходните реформи за членство во Европската унија и заклучија дека отворените прашања и спорови треба да се решат во духот на добрососедство и во согласност со меѓународното право. Домаќин на следниот самит во 2019-та ќе биде Република Албанија.