Јункер: Жалните херои на брегзит го напуштаат бродот

Довчерашните херои на брегзит, сега се жални херои на денешницата, порача првиот човек на Еврокомисијата, Жан Клод Јункер, упатувајќи остри критики до британските политичари Најџел Фараж и Борис Џонсон.

– Од функцијата се повлекоа сите што придонесоа за ситуацијата во Британија, постапувајќи како ретронационалисти, а не како патриоти. Патриотите не се повлекуваат кога работите се тешки, туку остануваат – истакна Јункер во говорот пред Европскиот парламент во Стразбур. Фараж и Џонсон, според претседателот на ЕК, сега одеднаш не сакаат да ја водат Британија низ процесот за излегување од Европската Унија, за кој цело време се залагаа, пренесува Ројтерс.
Јункер пред европратениците го претстави извештајот за резултатите од минатонеделниот историски самит на Унијата, на кој британскиот премиер во заминување Дејвид Камерон им ја пренесе одлуката на Британците да го напуштат блокот. Џонсон се повлече од трката за наследник на Камерон, кој најави дека во октомври ќе поднесе оставка, додека, пак, Фараж завчера се повлече од лидерската функција на евроскептичната Партија за независност на Велика Британија (УКИП).
Зборувајќи за извештајот пред Европарламентот, Јункер упати критики и до оние што заговараа останување во ЕУ, бидејќи не знаеја што да прават откако земјата ќе излезе од Унијата.
– Наместо да развиваат план, тие го напуштаат бродот – порача тој.
И либералниот европратеник Ги Верхофштад остро ги критикуваше британските евроскептични лидери.
– Брегзиташите ме потсетуваат на стаорци што го напуштаат бродот што тоне. Што чекате, референдум во Франција или во Италија можеби – истакна Ферхофштад.
Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, во Европарламентот порача дека членките на Унијата се надеваат дека „во Британија во иднина ќе имаат близок партнер”. Сепак, тој предупреди дека Лондон ќе мора да ги прифати правилата на ЕУ за слободно движење доколку сака пристап кон единствениот пазар, пренесува Би-би-си.
– Нема да ги распродаваме нашите слободи и нема да има единствен пазар по желба – додаде Туск пред европратениците.

ВО ДАНСКА РАСТЕ

Поддршката за ЕУ е зголемена во Данска и покрај предвидувањата дека исходот од референдумот во Британија ќе ги засили евроскептичните сили и во другите земји. Дури 69 отсто од Данците, според најновите анкети, го поддржуваат членството на земјата во Унијата, додека пред британскиот референдум, тоа беше 59,9 проценти. Истовремено, за данските граѓани сè помалку е привлечна идејата за референдум како во Британија, чија поддршка падна од 40,7 на 32 отсто, пренесува Б92.
– Анкетата потврдува дека никој не сака хаос каков што Британците сами си го направија – оценува Марленд Винд, професорка по политички науки на Универзитетот во Копенхаген.
Наместо да поттикне посилно антиевропско расположение, референдумот за брегзит и последователниот финансиски и политички хаос само ја зајакнаа поддршката за ЕУ. Тоа, според Винд, го покажаа и изборите во Шпанија, како и најновите анкети во нордиските земји.
Данска беше посебно посочувана како земја што би можела да биде подложна на домино-ефектот од брегзит, бидејќи, исто и како Британија, подоцна стана членка на Унијата, не го прифати еврото и се избори за отстапки во некои области.

Останати вести