Брисел дигна раце од дијалог, најавува санкции?

Еврокомесарот Јоханес Хан и тројцата европарламентарци: Ричард Хауит, Едвард Кукан и Иво Вајгл фрлија морков, објавувајќи дека е можно изборите на 5 јуни да бидат признаени ако се спроведат итно некои чекори, меѓу кои повлекување на амнестијата од страна на претседателот Ѓорге Иванов, но во исто време најавија и стап, т.е. поконкретни предупредувања.

Во соопштението на четворицата медијатори, по одлагањето на преговорите во Виена, тие порачуваат дека не се откажуваат од посредништвото, но одговорноста велат дека сепак лежи кај политичките партии. Нарекувајќи ги ретроградни чекори последните политички потези, тие предупредуваат дека ваквиот развој на ситуацијата може да има сериозни последици за Македонија и дека во ваква ситуација принудени се да разгледаат натамошни активности, што звучи како најава дека “ќе заигра стапот”.
„Како еврокомесар и медијатори од ЕУ, жалиме што средбата на лидерите планирана за 22 април во Виена не можеше да се одржи. Оваа средба имаше за цел да и помогне на земјата да најде начин за напредок во имплементацијата на договорот од Пржино, со учество на сите негови потписници. Прашањата за владеењето на правото кои упорно опстојуваат во Скопје и го поткопуваат овој договор мора да се решат без понатамошно одложување. Ова особено се однесува на последните претседателски помилувања и на чекорите што се потребни итно за подготовка на веродостојни избори, кои би можеле да бидат признаени од страна на меѓународната заедница. Сите ние остануваме цврсто посветени и на располагање за да им помогнеме на партиите. Сепак, нагласуваме дека одговорноста за осигурување демократски напредок и во евроинтеграциите зависи од самите партии, во име на граѓаните на својата земја. Сега е на ред да се испорача и да се дефинира патот напред. Ние постојано велиме дека распаѓањето на договорот од Пржино ќе има многу сериозни последици за земјата. Длабоко жалиме за ретроградните чекори кои ја оддалечуваат земјата од нејзините аспирации кон членство во Европската Унија”, стои во соопштението на Хан и тројцата европарламентарци.
Во него се додава и дека „во отсуство на каков било напредок, принудени сме да разгледаме понатамошни активности за да се исполнат барањата јасно поставени од Европскиот совет, Европската комисија и Европскиот парламент. Ние, исто така, ги прифаќаме изјавите и акциите од страна на граѓанското општество во земјата и изразуваме наша целосна поддршка за сите мирољубиви напори да се обезбедат плурализам и слобода на мислење, кои се централни вредности во сите европски демократии”, се вели во соопштението. Ова е јасен сигнал на чија страна се Хан и европратениците – на страната на протестантите против актуелната владејачка гарнитура во Македонија.

Силен меѓународен притисок за повлекување на аболицијата

Притисокот за повлекување на амнестијата, како што се дознава, е огромен, при што македонските амбасадори во повеќето земји членки на ЕУ биле повикувани деновиве во тамошните министерства за да им се каже дека таа мора да се повлече и СЈО мора да се пушти да работи, односно биле соочени со официјални протести. Според европските политичари, амнестијата на претседателот Иванов била со намера да ја заштити контролата на власта од ВМРО-ДПМНЕ и кругот околу Груевски.
Следните чекори би биле санкции, а прво би било одземањето на препораката за почеток на преговорите со ЕУ, најави „Дојче веле” од свои извори во Брисел. Планот е подготвен и најверојатно постапката, што ќе предвидува серија мерки наскоро ќе влезе во процедура преку Европската комисија.
Таквата можност, иако меѓу редови, беше јасно најавена во заедничката изјава на комесарот за проширување Јоханес Хан и тројцата европратеници кои посредуваа во македонската политичка криза, Ричард Хауит, Иво Вајгл и Едуард Кукан.

Санкции: забрана за влегување во ЕУ и замрзнување на личен имот

„Точно е. Се размислува за сериозни санкции. Прв чекор ќе биде одземањето на препораката за почеток на преговорите”, соопштил изворот на „Дојче веле” додавајќи дека „таргетираните санкции против политичарите ќе вклучуваат и замрзнување на банкарски сметки и забрана за патување во ЕУ”.
На мета би биле одделни македонски политичари што го опструираат решавањето на политичката криза.
Процедурата за мерките кон земјата и санкциите кон политичарите ќе се одвива преку Европската комисија со консултации со државите членки на ЕУ. Во Брисел ги отфрлаат стравувањата дека ваквите мерки само дополнително ќе ја влошат кризата и ќе ги радикализираат состојбите.
„Повеќе сме загрижени дека се влошува состојбата и дека земјата оди кон поголема нестабилност. Не би размислувале за вакви мерки ако не сметавме дека се неопходни. Многу е опасна состојбата”, вели политичарот на ЕУ кој инсистира на анонимност. Дипломатски извори и во Скопје откриваат дека ЕУ сериозно ги разгледува сите опции и дека она што ја тера да оди чекор напред во мерките е стравот од ескалација на протестите и меѓусебна пресметка на двата табора.

(“Утрински весник”)

Останати вести