Британските научници: Не можеме да потврдиме дека агенсот со кој е отруен Скрипаљ е направен во Русија

Британските научници во научната институција „Портон даун” не успеаја да утврдат каде бил создаден нервниот агенс “Новичок” со кој се отруени Сергеј и Јулија Скрипаљ, објави Гардијан.

Гери Ејткенхед, главниот извршен директор на Лабораторијата за одбранбена наука и технологија (ДСТЛ) во Портон Даун изјави дека не е докажано дека тој е создаден во Русија.
Ејткенхед потврди дека за создавањето на супстанцијата се потребни „исклучително софистицирани методи, нешто што е остварливо само на државно ниво”.
Русија инсистира дека таа не стои зад нападот и тврди дека обвиненијата на британската влада се провокација.
Зборувајќи за Скај њуз, Ејткенхед рече: „Успеавме да го идентификуваме како Новичок, да го идентификуваме како воен нервен агенс. Не успеавме да го откриеме точниот извор, но ѝ ги дадовме научните информации на владата, која потоа користеше голем број други извори”.
Тој објасни дека утврдувањето на неговото потекло бара „други инпути”, некои од нив базирани на разузнавањето, до кои владата има пристап.
Ејткенхед додаде: „Нашата работа е да обезбедиме научни докази за тоа што е овој конкретен нервен агенс. Ние идентификувавме дека е од овој конкретен тип и дека е воен агенс, но не е наша работа да кажеме каде е произведен.”
Тој за телевизијата рече дека не постои познат противотров за Новичок и дека таков не им бил даден на таткото и ќерката Скрипаљ.
Ејткенхед не сакаше да коментира дали лабораторијата развила или чувала резерви од Новичок, но ја отфрли сугестијата од Русија дека агенсот со кој е отруен Скрипаљ може да дошол од Портон Даун.
„Нема шанси нешто такво да дошло од нас или да ги напуштило четирите ѕида на нашиот објект”, рече Ејткенхед.

ФОРИН ОФИС: Не тврдевме дека „Новичок” потекнува од Русија
Министерството за надворешни работи на Велика Британија негира дека тврдело дека нервниот агенс „новичок” со кој е отруен екс шпионот Сергеј Скрипал, потекнува директно од Русија.
„Нашите стручњаци прецизно го идентификуваа нервниот агенс „новичок”. Не е наша одговорност и никогаш не била, дека сме го потврдиле потеклото на агенсот”, објави британскиот Форин офис на својот Твитер.
Во следниот Твит Форин офисот наведе дека проценката на владата од самиот почеток била јасна, како и дека хемиската анализа била клучен дел од проценката на Владата.
Британската влада инаку ја обвини Москва дека стои зад хемискиот напад на шпионот Скрипаљ и неговата ќерка, кој се отруени на 4 март во малото англиско гратче Солзбери, што го негира.

Останати вести