Абот и Путин побараа брза истрага за урнатиот авион над Украина

Австралискиот премиер побарал Русија да го следи примерот на САД кога исплатија компензации за ненамерно урнатиот ирански авион во 1988 година.

На средба што траеше 15 минути, австралискиот премиер Тони Абот му предложи на рускиот претседател Путин да го следи „преседанот” кога САД платија надоместок откако ненамерно беше соборен ирански цивилен авион во 1988 година, пишува австралискиот „Сиднеј морнинг хералд”.

Пред ова Абот повеќе пати изјавуваше дека авионот бил урнат од проруските бунтовници, кои употребуваат оружје што им го доставила Русија, и ветуваше дека „фронтално” ќе „го нападне” рускиот претседател.

Абот на 6 ноември, во интервју за весникот „Австралијан”, изјави дека при прва укажана можност планира да се сретне со Путин и со него да ги разгледа околностите за несреќата на малезискиот боинг крај Донецк, во која загинаа и 27 Австралијци.

Тој притоа кажа дека „Путин не може да ја избегне таа тема и дека за него не е важно дали таа ќе се одржи во неофицијална или во поформална ситуација”.

Рускиот претседател и австралискиот премиер побараа да се забрза истрагата за причините за несреќата на малезискиот авион над источна Украина во јули годинава, во која загинаа сите 298 патници и членови на екипажот на „боингот”.

Двајцата лидери се согласија дека е недозволиво тоа што експертите не добиваат пристап до местото на несреќата со аргумент дека тоа е под постојан оган, од бунтовниците или од украинските сили. Според ТАСС, Путин подвлекол дека Русија од самиот почеток на истрагата инсистира на „непристрасно, брзо и ефикасно изнесување на фактите за несреќата”. (според агенциите)

Останати вести