Протоколот за соработка со Маѓар Телеком, еден од клучните документи врз кои се базира сомневањето на американските власти, за поткуп на македонски владини функционери во аферата Телеком, бил потпишан во холот на Дом на АРМ и не бил архивиран во Владата, ова го изјавил експремиерот Владо Бучковски во сведочењето, кое го објави истражувачката мрежа БИРН.
Главна цел на Протоколот, според тврдењето, била да се обезбеди дивиденда за државата, а Бучковски изјавил дека Протоколот никогаш не бил заведен во архивата на владата, затоа што се сметал за необврзувачки документ, и одлуката не била на негова, туку така го советувале експертите вклучени во преговорите. На прашањето зошто Протоколот не бил објавен пред македонската јавност, поранешниот премиер изјавил дека „немало потреба” за такво нешто, и дека било невообичаено тоа да се објавува, туку на јавноста само и било прераскажано. Оригиналот од документот бил однесен во Атина, во сеф на грчкиот бизнисмен Кондоминас, но Бучковски не бил информиран за тоа.
Поранешниот премиер на американските иследници им открил и дека главниот проблем во преговорите со Маѓар Телеком било откритието за исплаќање на консултантските договори од милионски суми, кое се одвивало преку компанијата „Камен мост”, која во тој период е во целосна сопственост на Маѓар Телеком.
Експремиерот Владо Бучковски не дава изјави во јавноста околу ова негово сведочење. Последен пат реагираше во врска со објавеното сведочење на Слободан Богоевски, кој го обвини Бучковски за примање милионски поткуп, а екс-премиерот ова го нарече “лага”. Бучковски само испрати документ со кој се потврдува дека во февруари лани бил повикан како сведок во седиштето на Американската комисија за хартии од вредност, во Вашингтон.
„На сведочењето кое траеше близу 7 часа одговарав на вкрстени прашања од претставниците на Американската комисија и адвокатите на обвинетите директори од Маѓар Телеком. Сведочењето беше под заклетва и за него има стенографски белешки и видео запис. Бев замолен да не го обелоденувам моето сведочење и да се воздржам од јавни коментари на случајот до неговото завршување,” – изјави Владо Бучковски на 6 септември 2015.
Тогаш Бучковски реагираше на сведочењето на екс-разузнавачот Слободан Богоевски , кој пред американските власти сведочел дека Бучковски, Али Ахмети и Муса Џафери се дел од функцинерите кои земале милионски суми мито за да се одложи либерализацијата на телекомуникацискиот пазар. Сите прозвани демантираа, а Богоевски беше повикан како сведок и во македонското Обвинителство, откако во септември истаргата беше повторно отворена по допрен глас, но досега оттаму не откриваат никакви детали за истрагата.