Очекувајќи ги новите парламентарни избори на 11 јули бугарската техничка влада искажа конзистентност на позициите во однос на Македонија и отпочнувањето на пристапниот процес во ЕУ.
Наследникот на Захариева во привремената влада, Светлан Стоев порачува дека рамковната позиција на Бугарија за Македонија била усвоена со консензус од сите политички сили во парламентот и нема да има промена.
Стоев вели дека немаат овластувања да ја сменат позицијата, но она што зависи од привремениот кабинет и министерот за надворешни работи, ќе се направи се дијалогот да продолжи.
– Отсега натаму, сè е во рацете на официјалните лица во Скопје. Тие се многу загрижени за бугарската позиција и не треба да шпекулираат дека ќе има каква било промена во следните 2-3 месеци за време на оваа привремена влада – изјави Светлан Стоев, министер за надворешни работи. Тој потврди дека од Скопје телефонски бил побран прием за македонскиот аналог Бујар Османи.
Инаку, новиот премиер Стефан Јанев во првото обраќање не го спомена проблемот со Македонија, и порача дека основната цел на неговата влада е да организира фер и демократски избори.
Во мегувреме, Бугарија во Брисел ја убедува унијата дека идентитскиот спор кој таа го наметна, не бил билатерален, односно спор на релацијата Софија-Скопје,туку проблем на Европската унија.
Судејки според ставовите на постојниот претставник на Бугарија во ЕУ, амбасадорот Димитар Цанчев, изнесени на состанок на Советот за општи работи, каде употребувајќи го терминот земја-кандидат, наместо директно Македонија, Цанчев зборувал за прашање кое ги загрозува темелите на унијата.
– За прв пат имаме земја-кандидат што изјавува дека не смета оти е должна да ги исполни договорите што ги потпишала со земја-членка на ЕУ. Ако го дозволиме тоа утре друга земја-кандидат може да биде во заблуда дека ќе и биде дозволено да се однесува на ист начин. Најдоброто што можат да сторат сите во оваа сала кои ја поддржуваат европската иднина на Западен Балкан, е да и објаснат на оваа земја-кандидат дека треба да се почитуваат темелните принципи на ЕУ и дека за неа нема да биде направен никаков исклучок во овој случај, истакнал Цанчев, кој во обраќањето категорично тврди дека Бугарија ја поддржува европската иднина на западен Балкан.
Премиерот Заев по посетата на Брисел порача дека владата е подготвена да продолжи со дијалогот со Софија и со техничката влада, но потенцираше дека на преговарачката маса не може да биде ставен нашиот идентитет и јазик, и тоа треба да и е јасно и на Бугарија и на ЕУ.