Бугарки празнеле чанти низ скопските трговски центри – завршија во притвор

СВР-Скопје поднесе кривична пријава до надлежното ОЈО против едно малолетно лице на возраст од 17 години, како и против Н.Е.И. (23) и Р.Д.Г. (67), сите бугарски државјанки, поради основано сомнение дека извршиле три кривични дела “кражба” при што се стекнале со противправна имотна корист од околу 135.000 денари (околу $ 3,000) за што од страна на судија на претходна постапка на лицата Н.Е.И. и Р.Д.Г. одредена им е мерка притвор од по осум дена, а малолетничката е протерана со двегодишна забрана за влез во Република Македонија.

Кривичните дела трите осомничени ги извршиле од 23 до 25 март во три бутици во три трговски центри во Скопје. Притоа сите се извршени на идентичен начин, искористувајќи го невниманието на оштетените и гужвата околу нив, малолетничката со протнување на рака во нивните чанти кои ги носеле на рамо ги крадела паричниците, додека второпријавената чувала стража, а третопријавената стоела надвор и потоа ги делеле парите.
Откриени се така што полицијата ги прегледала снимките од видео-надзорот во бутиците. На 25 март првопријавената и второпријавената биле забележани од страна на полициски службеници во близина на Транспортниот центар (Железничката станица) и биле приведени. При извршениот разговор со нив во полициска станица, второпријавената го појаснила начинот на извршувањето на кривичните дела и посочила дека третопријавената со автобус веќе се упатила кон граничен премин Деве Баир. Со телеграма биле известени полицајците на ГП Деве Баир, по што од нивна страна било извршено запирање на наведениот автобус, каде што третопријавената била лишена од слобода и спроведена во Скопје.

Останати вести