Триесетина бугарски историчари, научници, универзитетски професори и јавни личности со заедничко писмо до јавноста, насловено „Европа не нè разбира”, се изјаснија против меморандумот што Софија го испрати до земјите членки на Европската Унија (ЕУ) во кој се изнесени сериозни тврдења и црвени линии на патот на Скопје кон ЕУ.
Во писмото, што го пренесува „Mediapool.bg”, тие инсистираат на „фундаментална промена на парадигмата во историското размислување” и пишуваат дека не се согласуваат „Северна Македонија да се претстави само како земја што нe се справува со сопственото минато”, јави МИА. Според нив, Софија демонстрира застарени сфаќања и изнесува неодржливи и наивни тврдења против Северна Македонија.
Потписниците на заедничкото писмо сметаат дека меморандумот не ги рефлектира достигнувањата на голем број бугарски историчари во последните децении, а е неразбирлив и за Европа.
Бугарските интелектуалци не сметаат дека единствениот историографски проблем е „идеолошкото наследство” од „комунистичка Југославија”.
„Друг проблем е доминацијатата на наджиевеаното, романтично и митолошко историографско размислување во самата Бугарија. Не веруваме дека процесот на формирање на македонската нација, со сите нејзини специфики, фундаментално се разликува од начинот на формирање на другите нации, ниту пак сметаме дека може да се сведе на формулата во меморандумот за „етнички и јазичен инженеринг. Се спротивставуваме и на претставувањето на македонската нација како плод на „југословенска пропаганда”, наведуваат потписниците на писмото.
Тие сметаат и дека наводите во меморандумот за идентитетот на „преовладувачкото мнозинство на словенското население во Македонија” се историски наивни и не одговараат на достигнувањата на модерната историографија, социјалната и хуманитарна наука. Според нив, тие наводи се предмет на застарено разбирање на „националната историја” што е несоодветно во однос на критичката историска наука денес.
Истакнуваат дека тврдењето за заедничка историја до 1944 година, еднострано толкувана како бугарска, е неубедливо. Сметаат дека концептите како што се „споделена историја” и „испреплетена историја” би можеле да го збогатат меѓусебното разбирање за минатото.
„Во меморандумот особено е смешен бројот на жртвите од југословенската комунистички режим во Македонија. Ги надминува сите разумни параметри, и го компромитира основаното инсистирање од страна на Бугарија да се придржува на факти и документи. Ние веруваме дека е потребна фундаментална промена на парадигмата во историското размислување, а за да се постигне тоа крајно време е да се отворат и бугарските медиуми”, заклучуваат трисетината бугарски историчари, научници, универзитетски професори и јавни личности.