71 тело на бегалци се извадени од камионот за достава на храна кој во четвртокот беше пронајден напуштен во источна Австрија.
Меѓу жртвите 59 се мажи, 8 жени, 3 деца и бебе. Телата на мигрантите биле во фаза на распаѓање, а властите претпоставуваат дека смртта настапила пред еден и пол до два дена како последица од гушење. Трагите од внатрешноста на камионот покажуваат дека жртвите се обиделе да ја отворат вратата, но во тоа не успеале.
Во кабината на страната на совозачот пронајдена е пукнатина, која мигрантите ја направиле во обид да излезат од камионот.
Унгарската полиција во соработка со австриските колеги уапсиле 7 лица за вмешаност во инцидентот.
„Претпоставуваме дека се работи за група мигранти од Сирија зошто во камионот се најдени сириски патни исправи. Претпоставуваме дека зад смртта на мигрантите стои бугарско-унгарска мафија која се занимава со трговија со луѓе”, изјави Ханс Петер Доскоцил, шеф на полицијата во покраината Бургенланд.
Австриската, но и светската јавност е длабоко потресена од оваа трагедија. Се бара да се најде решение за прашањето со мигрантите и да се засили борбата против криумчарите на луѓе.
„Ова нè потсетува дека мора брзо да го решиме прашањето со имиграцијата во европски дух – што значи во духот на солидарноста – и да најдеме решенија”, изјави Ангела Меркел, канцелар на Германија.
Во истовреме продолжуваат трагедиите во Средоземното море. Два брода кои пренесувале околу 4.000 мигранти потонаа покрај бреговите на Либија. Во несреќата најверојатно загинале неколку стотици лица.
Крајбрежната стража досега успеала да спаси 200 лица, но се стравува дека голем број луѓе се блокирани под палубите на бродовите.
„Атмосверата долу е многу лоша, има многу малку кислород. Имало многу, многу луѓе. Можете да си замислите како патувале на толку мал брод”, изјави Матијас Линдхолм, крајбрежна стража.
Од почетокот на годинава повеќе од 300.000 бегалци и мигранти ги довеле во опасност своите животи за да стигнат до Европа преку Средоземното Море. На тој пат околу 2.500 лица загинале, соопшти Високиот комесаријат на ОН за бегалци, УНХЦР.