Џабе им е да не негираат: Бугарското Собрание во 1956 година го признало македонскиот јазик

Што е тоа што Василева го знае а Захариева не?

Во Договорот за правна помош помеѓу Југославија и Бугарија, ратификуван тогаш во бугарскиот парламент, стои дека “документите се изготвуваат на бугарски или српско-хрватски, словенечки, македонски јазик”. Овој договор е се уште на сила.

Бугарија си игра топло-ладно со македонскиот идентитет и јазик. Од една страна декларативно вели дека не го спори правото на самоопределување на луѓето во Република Македонија, но истовремено не сака ни да чуе за постоење на македонски народ и македонски јазик одделно од бугарскиот.
Софија признала постоење на посебно македонско етничко самочувство веднаш по Втората светска војна, па дури и пребројала 160.541 лица (70% од населнието во Пиринска Македонија) како етнички Македонци на пописот од 1946 година. На следниот попис во 1956 имало 187.789 етнички Македонци во Бугарија. Во тој период во Пиринска Македонија биле упатувани учители од Македонија кои го предавале современиот македонски јазик.
Веќе во следните пописи Македонците таму практично исчезнуваат (во 1965 се 8.750 додека во 2001 само 5.071).
Со доаѓањето на Тодор Живков на власт во Бугарија (1956) официјална Софија повторно се враќа на романтичните страници со санстефанскиот сон. Признавањето на етнички Македонци и нивниот македонски јазик се смета за велепредавство на бугарските национални интереси.
До ден денес Бугарија излегува до чевлите за да го добие она што не успела во војните од минатиот век – Вардарска Македонија.
Сега веќе сосема јасно порачува: државата што сега го носи името Република Северна Македонија е исконски бугарска територија и сите православни таму се исконски Бугари. Кој има проблем со тоа – нека си бара чаре на друго место. Дури и кога ќе им се каже дека во Република Македонија нема бугарска национална свест тие упорно и во транс бараат “да ги вратиме Бугарите назад”, божем сме ги изеле!?
Главната битка за еманципација на Бугарите ќе биде да прифатат дека постои македонски јазик, па со тоа и Македонци (кои еве сме, не сме Бугари). Во Договорот за добрососедство (2018) официјална Софија го признава постоењето на македонски јазик (со тоа што официјални се и бугарскиот и македонскиот текст). А трикот што се обидуваат да го изведат со формулацијата “според Уставот” не може да им помине. Велат – самите сте прифатиле така да се нарече вашиот службен јазик, ама не им се годи дека и за бугарскиот во Договорот за дорососедство стои истата формулација – “според Уставот на Бугарија”. Значи македонскиот и бугарскиот јазик се ставени на исто рамниште, а штом се ставени еден до друг тоа докажува дека се засебни.
Деновиве Радосвета Василева, млад правник од Софија чија специјалност се правото на ЕУ и компаративното јавно и приватно право, јавно потсети дека прашањето за признавање на македонскиот јазик од страна на Софија е “завршена работа”. Таа е доктор на правни науки при Универзитетскиот колеџ во Лондон (Велика Британија), магистер по право при Универзитет Париз 1 Пантеон-Сорбона (Франција) а додипломските студии ги завршила на насоката по меѓународни односи при Универзитетот Тафтс (САД).
Таа на Твитер напиша:
“На внимание на оние кои тврдат дека Бугарија не го признала постоењето на македонскиот јазик: Договор за правна помош помеѓу Југославија и Бугарија, ратификуван од Бугарија во 1956 година.”
Во своите коментари Василева додава:
“Почитувани гледачи, ачик-ачик пишува „македонски јазик”. Не пишува „бугарски дијалект што се зборува во Југославија” итн. Дали е виновен и Тито за ова? Дека Бугарија го ратификуваше Договорот. Патем, Сталин почина во 1953 година. Тито претходно се скарал со него.
Бугарија ратификуваше договор за признавање преводи на македонски јазик уште во 1956 година. Спорот (за мене) заврши тогаш, вели таа.
Договорот, фала му на Бога, сè уште е на сила”, вели Василева.
Човек ќе се запраша дали министрите на сегашната бугарска влада знаат за овој стар меѓудржавен договор? Ако не друг тоа би морала да го знае госпожа Екатерина Захариева која по професија е правник а едно време беше и министер за правда на Борисов.

Останати вести