Голема врева се крена во медиумите кај источниот сосед по патриотскиот акт на Миленко Неделковски кој самоиницијативно со својата екипа се искачил на врвот Кајмакчалан и ја уништил незаконски поставената плоча во спомен на загинатите бугарски војници, поставена уште во мај годинава од страна на неколкумина припадници на безбедносните сили на Бугарија и нивниот генерал.
„Кајмакчалан, денеска 22.09.2016 помеѓу 13.00 и 14.30 часот.
Мисијата комплетно завршена.
Незаконски поставената бетонска плоча од група бугарски криминалци комплетно е уништена и претворена во прав. Својата мисија ја исполнив, заедно со целата екипа која му благодари на нашиот заеднички пријател и голем патриот чие име во моментов не смеам да го откријам” – напиша на својот Фејсбук профил Миленко Неделковски.
Со официјална реакција се јави бугарското Министерство за надворешни работи.
„Бугарската држава со години наназад вложува напори за заедничко меморијално одбележување на ваквите настани од минатото и соодветно давање почит на гробовите на загинатите војници. Имајќи предвид дека ваквите постапки претставуваат и светска практика, се настојува почитување на историјата и минатото за сите загинати во ваквите воени конфликти. И овој пат нашата желба е за воспоставување мирен заеднички соживот во сегашноста и, истата нема никакви политички, национални или верски мотиви. Властите во Република Македонија пред неколку години се заложија да ги разгледаат ваквите бугарски иницијативни и предлози, но сепак и понатаму сведочиме продолжување на вандализмот. Овие вандалски акти се срамни и необјасниви за општите човечки вредности, како што е почитта кон мртвите и загинатите.
Ги повикуваме властите во Република Македонија да ги истражат и спречат вакви срамни акти, кои не се само изолирани случаи и истите особено влијаат на преговорите меѓу двете држави по однос на потпишувањето на Договорот за добрососедство.
МНР ќе направи се што е возможно, заедно со други институции, да ја обнови спомен плочата. Ќе биде наложена забрана за влез на Бугарија на лицето кое го изврши овој варварски чин”, стои во реакцијата на бугарското МНР.
Плочата на Кајмакчалан е незаконски поставена
На ова одговори македонското МНР:
“Чествувањето на жртви од воените конфликти во нашиот регион е дел од културата на помирување и пред се претставува хуман гест. Според информациите на Министерството за надворешни работи на Република Македонија плочата на Кајмакчалан е незаконски поставена. Очекуваме од нашите пријатели од Република Бугарија да ги почитуваат меѓународно прифатените процедури за поставување спомен обележја. Воедно, очекуваме институциите да ги обесхрабрат сите актери кои нелегално поставуваат обележја на територија на друга држава, а кои потоа можат да бидат цел на акти на насилство или да предизвикаат негативни чувства кај граѓаните. Република Бугарија е наш сосед и пријателска држава со која имаме суштинска соработка во многу области и ќе продолжиме да работиме во насока на изнаоѓање на модалитети за поголема соработка и надминување на разликите преку стандардизиран и реципрочен пристап во одбележувањето на настани и личности. Ова е и многу поважно во услови кога истите може различно да бидат интерпретирани во различни земји од регионот. Во нашиот пристап треба да ги промовираме успешните модели на помирување и чествување кои постојат во Европа, наспроти еднострани поставувања на одбележја или чествувања во соседна земја”, се вели во реакцијата на македонското МНР.