Власта го претстави 4-oт пакет мерки, опозицијата критикува за институционален поткуп

Вкупно 31 мерка во вредност од 470 милиони евра изнесува четвртиот пакет економски мерки со кои Владата ќе им помогне на граѓаните, вработените и на стопанството за да се надминат последиците од кризата предизвикана од ковид-19.

Заедно со претходните три пакета мерки вкупната помош надминува 1 милијарда евра насочени кон граѓаните, работниците и стопанството со цел да се одржи стабилна економијата и со потенцијал за ревитализација – изјави премиерот Зоран Заев на прес конференција.
Тој информираше дека поддршката за исплата на плати продолжува да важи и за последниот квартал од годината, односно за месеците октомври, ноември и декември.
– Новост е што поддршката ќе биде скалеста согласно падот на приходите кај компаниите: колку е поголем падот на приходите кај компаниите опфатени со оваа мерка, толку поголема ќе биде поддршката за исплата на платите и таа ќе се движи од најмалку 14.500 денари помош и поддршка по вработен до 21.776 денари, посочи Заев.
Поддршка ќе добијат и самостојните вршители на дејност, продолжува и поддршката за граѓаните преку платежните картички, а предвидени се бројни погодности за компаниите како одложување на отплата на кредити, но и нова кредитна линија од 100 милиони евра евтини кредити.
– Платежните картички со износ од 6.000 денари ќе добијат:
– 5.726 самохрани родители,
– 182.271 пензионери со пензии до 15.000 денари,
– 85.108 невработени кои се пасивни баратели на работа, односно , самостојните уметници, филмските работници, културните работници, естрадни работници, соопшти Заев.
Помош ќе добијат и оние граѓани кои се над 64 години, а немаат пензија и се со приходи помали од 15.000 денари или воопшто немаат приходи. Оваа мерка опфаќа 283.000 граѓани, а нејзината вредност изнесува 27.6 милиони евра.
Премиерот Заев објави намалување на стапката за ДДВ за ресторански услуги и служење на храна и пијалаци, со која овие услуги ќе се даночат со нова повластена стапка на ДДВ од 10% наместо сегашната редовна стапка од 18%.
За околу 1.000 игротеки ќе се обезбедат грантови во висина од 1.000 до 5.000 евра во зависност од остварениот промет во 2019 година, а целата вредност на оваа мерка изнесува 2.5 милиони евра.
Согласно регистрацијата за работа, на околу 120 дискотеки и ноќни клубови, како и на околу 7000 транспортери, ќе им се продолжи лиценцата за работа и во 2021 со 0 денари надомест, со тоа што транспортерите ќе добијат ослободување плус уште за една година во зависност од тоа кога им истекува лиценцата што ја добиле.
За поддршка на секторот туризам, како еден од најпогодените од кризата ќе има поврат на туристичката такса за 2019 година. На 4.740 субјекти кои организирале ноќевања во 2019 година, ќе им бидат вратени 2 милиони евра, колку што изнесува вкупниот износ на туристичката такса инкасирана во таа година.
Во туризмот ќе има и грантови за туристички агенции. Корисници на оваа мерка ќе бидат 500 туристички агенции, а нејзината вкупна вредност изнесува 1.9 милиони евра за грантови од 3.000 до 7.000 евра за сите туристички агенции во зависност од бројот на вработени и од вкупниот промет во 2019 година, и во зависност од тоа дали се носители на А или Б лиценца.
Поддршка со плати за туристичките водичи: на 150 регистрирани туристички водичи за месеците октомври, ноември и декември, ќе им биде исплатена минимална бруто плата во висина 21.776 денари.
Грантови за ресторани за свадби ќе добијат сите регистрирани и лиценцирани субјекти за оваа дејност, во вкупна вредност од 1 милион евра. Грантовите одделно се во висина од 3.000 до 10.000 евра, во зависност од остварениот промет во 2019 година.
Две третини од антикризниот пакет ќе бидат нови зaдолжувања
На новинарско прашање од каде ќе се обезбедат парите за овој сет мерки, Заев одговори дека средствата ќе бидат обезбедени делумно со кратења на расходите на Буџетот, кои не се најитни, а две третини ќе бидат обезбедени со кредити од странство.
– Вкупно 160 милиони евра се од буџетот, додека другите средства се од оложување на аконтации, кредити. 100 милиони евра се во кредити од Европската инвестициска банка, кои ќе се доделуваат преку Развојната банка на Македонија. Дел се ослободувања кои нема да имаат финансиски импликации.
Сепак не прецизираше како и од каде ќе се позајмува. Вели дека не може да се пресмета колку ќе се зголеми јавниот долг.
– Водиме комплетна грижа за јавниот долг. Оваа година доспеваат најмногу обврски за отплата или вкупно 1.14 милијарди евра. Редовно ги враќаме обврските, но заедно со министрите правиме пакети да го поддржиме стопанство, рече Заев.
Мицкоски: Мафијашката влада ќе се задолжува
За опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак четвртиот пакет мерки е последен обид за спас во услови кога македонската економија пропаѓа. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека овој пакет мерки е задоцнет одговор, кој само ќе ја продлабочи и онака тешката економска состојба.
– Четвртиот пакет мерки е промашен обид за дефокусирање на јавноста од вистинските проблеми. Со овој пакет мерки мафијата ќе се збогати, а граѓаните уште повеќе ќе осиромашат. Мафијашката влада се задолжува за излез од кризата. Целта на мерките е и продлабочување на институционалниот поткуп, а тоа се гледа преку платежните картички кои беа наменети за предизборен поткуп, изјави Мицкоски.
– Делењето платежни картички е институционален поткуп на граѓаните, а сега тие картички се намалени од 9.000 денари на 6.000 денари, со главен акцент и фокус на луѓето кои земаат пензија, а таа пензија е под 15.000 денари, истакна Мицкоски.
Лидерот на опозицијата укажува на, според него, негативното искуство од претходните три сета мерки, кои вели дека биле неефикасни и несоодветни. За него е загрижувачки падот на индустриското производство, намалувањето на економската активност, зголемувањето на јавниот долг во последниот квартал, растот на невработеноста, масовните отпуштања, затворањето на бизниси и тотален колапс на туристичкиот сектор. Нема капитални проекти а економската размена бележи драстичен пад.
Инаку падот на економијата поради пандемијата на коронавирус беше најголем во вториот квартал, во третиот имаше стабилизирање, но власта стравува дека ќе има поголемо ширење на заразата во есенските месеци, што ќе биде нов удар врз стопанството. Над 20 илјади луѓе ги изгубија работните места поради кризата.

Останати вести