„Барам изземање на јавната обвинителка за која ќе поднесам кривична пријава за она што ми се случуваше на 26 февруари кога бев спроведен во зградата на скопското обвинителство”, изјави Захир Бекири-Чауш на првото судско рочиште, во процесот кој против него се води под обвинение за фалсификување и за недозволено поседување огнено оружје.
Бекири рече дека на 26 февруари бил повикан од заповедникот во затворот „Идризово”, кој му кажал дека треба да оди во Јавното обвинителство, но дека кога ќе се врати треба да каже дека бил спроведен во болница.
„Ме внесоа во цивилно возило и без лисици на раце. Кога излеговме на автопатот ни се придружија уште три други возила. Во новата зграда на обвинителството, во собата за препознавање, едно лице ми се престави како Александар, но јас го препознав дека е од УБК. Со него беа уште две други лица, а по две-три минути дојде и јавниот обвинител Јован Цветановски, кој ми се обрати на висок тон”, рече Бекири. Тој изјави дека од него било побарано да каже дека запленетото УСБ му било дадено од лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и од Зоран Верушевски, а доколку не го стори тоа што се бара од него, ќе му го затвореле целото семејство. „Ме малтретираа 6 часа, се до 16 часот, бидејќи им кажав дека нема да потпишам лажна изјава со која ќе ги обвинам Заев и Верушевски. Тие ми се нафрлија да ме тепаат. Тогаш ги опцув. По ова ме однесоа кај сегашната обвинителка од која побарав преведувач и претставник на Амбасадата на Косово”, рече Захир Бекири-Чауш.
По дополнителни консултации со неговиот бранител тој сепак го повлече барањето за изземање на застапничката на обвинителниот предлог, јавната обвинителка Наташа Гоџовска. Единствена причина за повлекување на барањето за изземање е барањето на адвокатот Мирослав Вујиќ да добијат увид во сите докази против Чауш, но остави можност изземање да се побара во натамошниот дел од судската постапка. Судијката го уважи ова барање за увид во доказите а судењето е презакажано за 25 април.