Има реални можности за евентуален терористички напад, за тоа не треба посебна експертиза, едноставно, треба да се водиме од индикаторите што постојат, изјави Митко Чавков, министер за внатрешни работи на РМ.
– Ние досега сме покажале високи професионални капацитети во справување со терористички-насилни групи и ефективно сме се справиле со нив – нагласи Чавков по промоцијата на 24-те нови возила донација за Граничната полиција од меѓународната организација за миграции.
Според него, состојбите во Европа и пошироко упатуваат на тоа дека нема простор за теоретско елаборирање на овие проблеми и за импровизација, туку треба конкретно и фактичко подготвување за евентуален терористички напад бидејќи се многу реални. Тој сепак уверува дека надлежните институции во земјава ефективно би одговориле на евентуални терористички закани.
– Република Македонија има силно изградена професионална структура во рамките на МВР, која на дневна основа комуницира со партнерски служби во регионот и пошироко, разменување многу информации и тоа само по себе е гаранција дека навреме би превенирале, ефективно би одговориле на евентуални терористички закани – потенцира тој.
Според него, останува потребата од мобилизација на целокупното општество во рамките на Националната стратегија за превенција од и борбата против тероризмот. Состојбите во Европа и пошироко, истакна тој, упатуваат на тоа дека нема простор за теоретско елаборирање на овие проблеми и за импровизација, туку треба конкретно и фактичко подготвување за евентуален терористички напад бидејќи се многу реални.
– Имаме случаи во минатото кои биле на линија на насилен екстремизам, на тероризам, а јавноста била навреме информирана за тоа и за сите ефективни одговори што сме ги дале како полиција. Имаме судски постапки и завршени судски постапки за терористички напади во РМ. Ланската година е процесиран случај за странски борци, учесници во Сирија и други кризни жаришта во светот. Оваа година има продолжување на „Ќелија 1 и 2″, во кои беа зафатени уште неколку поединци што биле во Сирија и се вратиле, лица што давале поддршка во делот на регрутирање странски борци. Сите тие случаи укажуваат дека е реална заканата од поединец или од група и во РМ, но овие закани не секогаш се предвидливи, тие се променливи и сложени закани и не секогаш можете да ги предвидете навреме – појасни министерот Чавков.
86 повратници од Исламската држава
Претседателот на државата, Ѓорге Иванов вели дека македонските безбедносни служби интензивно ги следат лицата што се повратници од боиштата.
– Ја кажувам бројката, 86 имаме во моментот во Македонија. Некои од нив се веќе и приведени преку акцијата ‘Ќелија’, други се следат, но тоа дело тешко се докажува. Не можете да докажете ако немате докази и полицијата и службите досега ефикасно се справуваат со тоа, но тоа се и поединечни акти на насилство. Никогаш не можете да предвидите кога ќе се случат. Досега нашите служби успешно се справуваат, рече претседателот Иванов.
Според него, со низата терористички напади во последната седмица во некои западноевропски земји се потврдиле сите предупредувања што ги даваше Македонија во минатото дека балканскиот коридор на илегална миграција се користи од терористичките борци што се измешани меѓу бегалците.
– Сите наши предупредувања се потврдија. Секојдневно гледаме низ Европа има акти на насилство и тероризам и веќе речиси се ближи бројот околу 500 загинати во последно време во Европската Унија кои се предизвикани од лица што доаѓаат од Блискиот Исток, боиштата и кои користејќи го бранот на бегалци, кој беше минатата година и на почетокот на оваа, успеале да дојдат до земјите што се членки на ЕУ – рече претседателот.
– Kако се губи територијата на ИСИЛ на боиштата во Сирија, но исто така и во Либија, повеќето од тие лица се обидуваат да се вратат од земјите од каде што отишле на боиштата или, пак, кои заедно со мигрантите стигнале на територија на ЕУ да преземат такви акции, истакна претседателот на државата.