Чедоморство на граничниот премин Табановце

Aпсолвентката што го роди бебето во тоалет и го фрли ќе се брани од слобода. Тамара е осомничена за кривично дело убиство на дете при пораѓање за што е предвидена казна затвор од три месеци до три години.

Скопјанката Тамара И. (23), апсолвентка на Економскиот факултет при УKИМ во Скопје, во тоалетот на граничниот премин Табановце родила живо женско бебе и го фрлила во кантата за отпадоци. Веднаш потоа студентката, како ништо да не се случило, се качила во автобусот и заедно со своите колеги од факултетот го продолжила патувањето за Прага, Чешка, каде што биле на апсолвентска екскурзија. Студентката го родила бебето во седмиот месец од бременоста. Грозоморниот настан се случил на 29 март, а СВР Kуманово деновиве поднесе кривична пријава против Тамара И. за убиство на дете при пораѓање. Девојката ќесе брани од слобода а законската казна за вакво дело е од три месеца до три години затвор.
Студентката, иако во поодмината бременост, одлучила на 29 март да замине на апсолвентска екскурзија за Прага, Република Чешка, со колегите апсоловенти од Економскиот факултет на кој студирала. Дента околу 11.30 часот автобусот што ги превезувал апсолвентите пристигнал на пасошката контрола на преминот Табановце.
Додека се извршувале контролите, Тамара почувствувала силни болки во стомакот. Потоа се пожалила на пријателката дека има неиздржливи болки и и побарала таблета против болки. Пријателката и дала апче „рапидол”, кое Тамара го испила. Бидејќи не можела да ги издржи болките, се симнала од автобусот и отишла во тоалетот за патници на граничниот премин Табановце.
Додека свиткана стоела над вц-школката, Тамара ја забележала главата на новороденчето и следниот момент бебето паднало во неа. Тогаш Тамара, наместо да повика помош бидејќи бебето било живо и да замине во болница, таа самата ја прегризала папочната врвца, го фрлила бебето во кантата и го покрила со хартија. Потоа, како ништо да не се случило, расположена се вратила во автобусот и го продолжила патувањето.
Наредниот ден хигиеничарката од граничниот премин го чистела тоалетот, но останала вџашена кога во кантата го пронашла новороденчето кое, за жал, било починато.
За случајот веднаш била известена полицијата на граничниот премин, а потоа и СВР Kуманово.
Според видео-снимките инспекторите од МВР истиот ден дознале која е девојката што си го убила бебето и веднаш им се јавиле на организаторите на екскурзијата. Потоа водичот на групата ја повикал Тамара и ја однел во гинеколошка клиника во Прага, каде што и била дадена лекарска помош, но гинеколозите документирале дека девојката тукушто била породена.
По завршувањето на екскурзијата, на 18 април Тамара била приведена на граничниот премин од каде што била однесена на дополнителни медицински вештачења.

Ниту пријателките ниту момчето не знаеле дека е бремена

Во полициска станица биле повикани и други три студентки, пријателки на Тамара, но против нив нема поведено истрага бидејќи девојките не знаеле дека Тамара била бремена, ниту дека се породила. Не знаело ниту нејзиното момче.
Истрагата утврдила дека студентката немала ниту еден лекарски преглед откако останала бремена. Исто така, без оглед на датумот на бременоста, новороденчето кое било живо родено би преживеало доколку било родено во соодветни болнички услови или ако веднаш било згрижено во болница.

Останати вести