Големи се несогласувањата меѓу парламентарните партии, особено меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, околу концептот на анкетната комисија која треба да се формира допрва и да ја истражува аферата со прислушувањето.
Иако, според информациите, европскиот посредник Питер Ванхоуте им дал рок на парламентарците да постигнат договор, неизвесно дали координаторите на пратеничките групи успеале да ги приближат ставовите.
Неофицијално меѓу пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ има спор околу името на анкетната комисија како и околу составот – кој да има мнозинство. Иницијативата за нејзино формирање произлезе од парламентарното мнозинство, со понуда на нејзино чело да биде пратеник на опозицијата, а СДСМ реши предвреме претседател да биде Петре Шилегов. Сега ВМРО-ДПМНЕ го оспорува тоа (со образложение дека од 20 октомври СДСМ ќе го има министерот за внатрешни) и бара мнозинството во анкетната комисија да биде од нејзините редови што СДСМ го толкува како опасност во сите одлуки да бидат надгласани.
Промената на изборниот модел се уште во игра.
Уште понеизвесна е ситуацијата кај работните групи на четирите политички партии кои ги договараат измените во изборното законодавство. Нивните разлики се многу посуштествени. Таму остануваат уште две седмици до крајниот рок – 6 октомври – кога треба да се прецизира и составот на ДИК, и прашањето за изборниот список и самиот изборен модел.
Од четирите партии засега само СДСМ отворено се залага за една изборна единица со пропорционален систем.
ВМРО-ДПМНЕ е против моделот една изборна единица и доколку и го прифати тогаш за нив поприфатлив е класичен мнозински систем. И на ДУИ им одговара постоечкиот изборен модел со шест изборни единици, единствено би прифатиле отворени листи на кандидати.
– СДСМ останува на ставот за една изборна единици, модел со кој ќе изгубат поголемите, но ќе добијат помалите партии. Тоа значи, нашата себичност ја тргаме на страна, тоа значи големите партии може да изгубат две, три, четири пратенички места, при ист број гласови кои би ги добиле ако се промени моделот од шест изборни единици на една изборна единица. Но, не е крај на светот, ние очекуваме да бидеме прворангирана политичка партија на наредните избори. Но тоа ќе отвори можност да влезат помали политички партии во Собранието кои ќе влијаат за демократизацијата во парламентот, од којшто зависи и демократизацијата и на извршната власт, односно со неколку зборови кажано, никогаш повеќе автократ да не се појави во Македoнија. Ако Заев добие чест или кој било, да состави Влада, да зависи од лепеза од партии, ќе се мисли сто пати како ќе ги постави основите, а пред се и реализацијата на програмите коишто допираат до граѓаните – изјави деновиве Заев во Битола.
Тој додаде дека секој оној кој со искрени и чесни намерa, сака да се кандидира и номинира пред граѓаните, да добие подршка, нема зошто да се плаши од една изборна единица.