Чувари на традицијата

ИЛИНДЕНСKИ ДЕНОВИ ВО БИТОЛА
Гостувањето на над илјада фолклористи од земјата и од странство и концертната изведба на албумот „Македонски непокор” од композиторот Никола Мицевски, кој содржи досега необјавувани мелодии од илинденскиот период, беа главните годинешни белези на 46. Републички фестивал на народни песни и игри – Илинденски денови, кој од 29 јули до 1 август се одржа во Битола, во чест на големиот празник Илинден.

И годинава фестивалот ги спои минатото и сегашноста и народите во светот, славејќи ги културните разлики.
Фестивалот почна во петокот со фолклорни презентации наречени „На пладне во чаршија”, а потоа продолжи со традиционалното и шаренобојно дефиле на игроорци од целиот свет низ Широк сокак.
– Ги имаме честа и привилегијата да бидеме чувари на нашата богата народна традиција, но и да бидеме домаќини на над 1.000 фолклористи учесници од нашата држава, стандардно 30 групи од Македонија и уште пет странски. Интернационалниот концепт е многу значаен за овој фестивал. Годинава ги имавме групите што дојдоа од Мексико, Шпанија, Kипар, Турција и од Бугарија – изјави Борче Димитровски, директор на Центарот за култура во Битола, организатор на Илинденски денови.
Вистински предизвик беше да се слушне концертот “Македонски непокор” кој презентираше песни што датираат од Илинденскиот период, создадени токму тогаш или кои опеваат славни јунаци од тој период. Се работи за песни од кои повеќето не и се познати на публиката, зашто за некои нема воопшто аудиозаписи.
– Ги вадев од оригинални нотни записи што некој ги запишал. Тоа е едно големо богатство што го содржи македонскиот фолклор, музика со многу душа – изјави компзиторот Никола Мицевски.

Останати вести