Поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, кој беше еден од гостите на Самитот за Западен Балкан во Скопје, рече дека Европската унија треба да ја остави зад себе интровертноста и да одобри датум за почеток на пристапните преговори за Македонија на состанокот на Европскиот совет на 17-18 октомври.
Ципрас потсети дека ЕУ поминала низ тежок период од 2014 до 2017 година, но дека сега е време да се обнови европската перспектива за земјите од Западен Балкан.
– Се сеќавам на денот кога Коѕијас и Димитров го потпишаа Договорот од Преспа и тогаш почувствувавме дека ја градиме историјата. Овој сложен договор ни овозможува да одиме напред со нашите билатерални односи и да преземе нови чекори напред. Се разбира, има прашање кои уште чекаат, како отстранувањето на античките симболи и менувањето учебниците. Но, најважниот чекор е направен, нашите земји веќе не се противници, а нашите народи ќе почнат да ги гледаат придобивките. Изминатиов период се боревме и со темната страна на Европа, национализам, екстремизам, нееднаквост, затворање во себе… Членството на Балканот беше ставено повторно високо на агендата на ЕУ. Договорот од Преспа е победа на дипломатијата над силите на национализмот. Договорот од Преспа покажа дека Северна Македонија е кредибилен партнер и ЕУ треба да одобри датум за почеток на преговорите. ЕУ мора да прекине со својата национална интровертност, рече Ципрас на Самитот за Западен Балкан, што беше во организација на „Тhe Economist”.
Македонскиот премиер Зоран Заев се надоврза дека на нивната прва средба во Давос била договорена рамката, а потоа работеле напорно, свесни за ризиците, но и за придобивките од Договорот од Преспа за граѓаните на двете земји.
– Се договоривме да се штитиме меѓу себе и да се грижиме еден за друг, кажа Заев.
Прашан за датумот за преговори, Заев рече дека ЕУ треба да наградува место да казнува.
– Како ќе ги убедат Вучиќ и Тачи да постигнат договор ако нас не казнат. Европа мора да ги наградува позитивните примери и да покаже лидерство на Западен Балкан, кажа Заев.