Иако чистењето е важен и секојдневен дел од нашиот живот, ретки се оние кои што знаат колку често треба да се чистат нештата кои што се користат постојано.
Имено, иако не може да се зборува за некое строго правило кога станува збор за чистењето на нештата кои ги користиме секојдневно, експертите се потрудиле да објават своевиден “правилник” за тоа колку често треба да ги переме фармерките, да ги чистиме телефоните и други предмети кои ги користиме постојано.
Така, со оглед на тоа што мобилните телефони се предмет кој во текот на само еден ден повеќе од 150 пати се наоѓа во нашите раце, а воедно тие се и дом на седум илјади видови на различни бактерии, експертите порачуваат дека треба да сме особено внимателни кога станува збор за хигиената.
Но, освен мобилните телефони, што е со домашните миленичиња, перниците и душеците, фармерките, градниците?! Уредниците на интернет порталот “Daily Mail” ангажирале микробиолог и дизајнери на облека, се со цел да ги пронајдат одговорите.
Мобилни телефони
Истражувачите анализирале 51 мобилен телефон и притоа пронашле 7.000 различни видови на бактерии на нивната површина, од кои дел биле безопасни, меѓутоа дел биле потенцијален извор на зарази и болести.
Затоа, експертите советуваат дека се со цел да се заштитите од големиот број на бактерии на мобилните телефони, истите секојдневно би требало да се чистат со антибактериски марамчиња, неколку пати во денот.
Постелнина
Секојдневно оставаме милиони клетки мртва кожа во својата околина, а голем дел од нив остануваат токму на постелнината. Покрај тоа, постелнината впива и пот, а кон тоа треба да се земе предвид и прашината, комбинација која ги привлекува паразитите.
Иако тие се безопасни, паразитите произведуваат измет кој содржи алергени кои предизвикуваат различни реакции кај дел од луѓето, од алергии, па се до астма.
Затоа, постелнината би требало да се пере еднаш неделно на минимум 60 степени, иако статистиките покажуваат нешто сосема спротивно. Имено, една од десет личности постелнината ја пере на секои четири недели, а повеќе од третина од испитаниците тоа го прават на две недели.
Перници
Перниците би требало да се прат на секои три месеци, на температура од 60 степени и тоа со течен детергент. Поголемиот дел од перниците може да се перат и во машина.
Инаку, перниците се одлична подлога за создавање на бактерии затоа што тие ја впиваат нашата пот која е извор за развој на бактерии. Всушност, утврдено е дека една третина од перниците може да биде составена од мртви клетки од кожата, паразити и нивниот измет.
Душеци
Душеците би требало да се проветруваат на секои шест месеци, а доколку на нивната површина постојат некакви дамки, истите треба да се отстранат со влажна крпа. По секое чистење, душекот би требало да се сврти на другата страна и постапката да се повтори на половина година.
Душеците се одлично место за развој на паразити и бактерии кои што кај одреден број на луѓе предизвикуваат најразлични алергиски реакции.
Фармерки
Ова парче гардероба е многу поделикатно отколку што мислат луѓето. Фармерките би требало да се перат по пет носења и тоа на пониски температури, се со цел да се сочува бојата и квалитетот на тексасот.
Но, со горенаведеното не се согласува директорот на најпознатиот светски производител на фармерки, компанијата „Levi Strauss & Co.”, Чип Берг. Така, тој смета дека фармерките не треба да се перат, па фармерките кои тој обично ги носи, не ги испрал една година.
Сепак, коментарите на Берг за перењето на облеката не се ништо ново. Тој со години го промовира тврдењето дека не треба да се перат фармерките, а често споменува дека истите може и да се смрзнат, се со цел да се намали развојот на бактерии на нивната површина.
Градници
Градниците би требало да се перат по две носења затоа што истите се поставуваат на дел од телото кој е подложен за создавање на бактерии. Би требало да одбегнува нивното перење во машина затоа што со текот на времето тие ја губат еластичноста.
Се препорачува градниците да се перат на рака, а воедно подобро е и да се избегнува нивно сушење на радијаторите. Доволно е градникот да се остави потопен во вода со прашок околу десетина минути.
Пижами
Како и градниците, и пижамите би требало да се перат по три носења, барем нивниот долен дел. проблемот е што пижамите се во директен контакт со кожата и на неа пренесуваат бактерии. Освен тоа, клетките на кожата постојано се обновуваат, а изумрените клетки завршуваат на пижамите, па со присуство на потта на нив се создава коктел кои бактериите го обожаваат. Важно е во креветот да сме чисти и свежи. Нередовното перење на пижамите може поради тоа да ја влоши состојбата на кожни и уринарни инфекции. Стручњаците предлагаат пижамите да се перат најмалку еднаш неделно, а ако сме болни, имаме воспаление на уринарниот тракт или се препотуваме во текот на ноќта и почесто.
Куче
Бањањето на вашето куче не е добро само за него, туку и за вас. На влакната на кучињата се насобираат паразити, а тие ги пренесуваат и крлежите кои што кај луѓето може да предизвикаат најразлични алергиски реакции. Кучињата би требало да се бањаат на секои два бесеци.
Кујнски крпи
Крпите кои што ги користиме во кујната треба да се перат по секоја употреба, на високи температури, пред се затоа што тие често доаѓаат во контакт со храната која потоа директно ја внесуваме во организмот.
Чанти
И чантите би требало да се перат и чистат еднаш неделно затоа што, како и мобилните телефони, тие се преполни со најразлични бактерии кои што ги пренесуваме со рацете.
Покрај тоа, чантите ги носиме насекаде, па затоа се препорачува секогаш со себе да носите и влажни или антибактериски марамчиња со кои што можете да ги избришете.