Митко Јанчев и Костадин Богданов разрешени од функциите, а Сашо Мијалков и Никола Тодоров исфрлени партијата

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на состанок во понеделникот ги разрешил членот на ЦК и потпретседател на партијата Митко Јанчев и членот на Извршниот комитет Костадин Богданов (кој доаѓа од редот на реформаторите), додека за Сашо Мијалков (поранешниот член на ИК) и Никола Тодоров (поранешниот министер за здравство) е побарано од општинските комитети да ги исклучат од партијата.

На Централниот комитет се разгледувала можноста и за вонреден конгрес, но предлогот едногласно не бил прифатен од членовите на Централниот комитет, а сите делегати му дале поддршка на лидерот на партијата Христијан Мицкоски.
Николовски: Ја честитаме новата криминална коалиција Зоки-Вице-Мијалков
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски по завршувањето на Централниот комитет рече дека ВМРО-ДПМНЕ расчистило со хипотеките од минатото.
– ВМРО-ДПМНЕ одржа историска седница. ВМРО-ДПМНЕ има силен механизам во рамки на партијата кој секогаш успева да го исчиси она што е лошо од партијата и да се врати на идеалите и да се погледне во очи со народот. Со една длабока анализа со внатрешно прочистување и од денес нема ништо да е исто и ВМРО-ДПМНЕ завршува со хипотеките од минатото, доживува катарза.
На иницијатива на претседателот Христијан Мицкоски, а на седница на која самиот тој не присуствуваше за да нема никакво влијание, ЦК го разгледа неговиот предлог за одржување вонреден конгрес за со гласање на доверба на претседателот. ЦК едногласно одлучи да го одбие овој предлог и дека претседателот ја има поддршката.
Второ, заради однесување спротивно на интересите на ВМРО-ДПМНЕ и на Македонија, заради силна соработка со Зоран Заев и организирање група за притисоци, уцени, закани и поткуп на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ со цел да гласаат за уставните измени, при што се користени најниски методи, разрешен е потпретседателот Митко Јанчев од ЦК со тајно гласање и едногласно.
Исто така се одлучи од ИК да биде разрешен и Костадин Богданов.
Трето, заради истите причини ЦК од општинските комитети побара да поведат дисциплинска постапка и да се исклучат од членство во партијата Сашо Мијлаков и Никола Тодоров.
Четврто, ЦК побара осумтте пратеници, кои мандатот го добија на листата на ВМРО-ДПМНЕ а ги изневерија народот кој гласаше за нив и партијата, веднаш да поднесат оставка од своите позиции.
Петто, ЦК го повикува ОЈО да ги истражи наводите за поткуп на пратеници. ЈО треба да го испита она што ние го дознавме и го препознавме, дека на пратениците им се заканувале дека „вечно ќе останат во затвор”, дека физички ќе бидат нападнати, им се нуделе пари, за да не одговараат судски.
На крајот сакаме да ја честитаме новата криминална коалиција Зоран Заев – Вице Заев – Сашо Мијалков, рече Николовски.
Прашан што е со екс-лидерот Никола Груевски и неговата улога во изминатиот период во партијата, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски рече дека „во моментов за почесниот претседател нема никакви сознанија дека учествувал во таа работа”.

ПО УСТАВ ПРАТЕНИЦИТЕ ОДЛУЧУВААТ САМОСТОЈНО ВО СОБРАНИЕТО, А ВО ПРАКСА СЕ ПАРТИСКА ГЛАСАЧКА МАШИНА
Еве што стои за статусот на пратениците во Уставот на РМ, Член 62:
Собранието го сочинуваат од 120 до 140 пратеници.
Пратениците се избираат на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање.
Пратеникот ги претставува граѓаните и во Собранието одлучува по свое уверување.
Пратеникот не може да биде отповикан.
Начинот и условите за избор на пратениците се уредуваат со закон што се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Останати вести