Новиот коронавирус доби име: COVID-19!

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека официјалното име на болеста предизвикана од новиот коронавирус е КОВИД-19.

– Сега имаме име за оваа болест и тоа е ковид-19, објави шефот на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус.
Бидејќи до производството на вакцината можат да поминат и 18 месеци, тој го повика светот да се бори против болеста најагресивно што може. Од ковид-19 досега починале над 1.200 лица, а околу од 50.000 се заразени.
Болеста која првпат беше идентификувана пред нова година во кинескиот град Вухан досега се нарекуваше коронавирус, но тоа всушност е име на цела група вируси, вклучувајќи го и САРС.
– Моравме да смислиме име кое нема да се однесува на ниедна географска локација, животно, поединец или народ и кое во исто време е лесно за изговор. Именувањето е важно, со цел да се избегне конфузија или да не се стигматизира цела една нација, додаде Гебрејесус. За именувањето на вируси е задолжен Меѓународниот комитет за таксономија на вируси, кој делува во рамките на СЗО.
Освен во Кина, новиот вирус е регистриран во уште 25 земји, при што најмногу заразени има во Јапонија ама тоа се главно лица од крузерот “Дијамантска принцеза” што се држи во карантин во пристаништето во Јокохама.

Останати вести