На 2 април Македонија забележа нов црн рекорд во смртноста од коронавирусот – починаа 50 лица.
Сега вкупниот број на починати од ковид-19 во земјата изнесува нешто над 3.900. Вкупниот број на регистрирани инфицирани е 133 илјади, активни се скоро 21.000 а од нив хоспитализирани по болниците се околу 1.800 лица.
– За сите пациенти колегите прават сè, но има многу пациенти со тешка манифестација на белите дробови и крвта, каква колегите од пулмологија и инфективна медицина досега не виделе и кај нив нема одговор на терапијата, кажа министерот за здравство Венко Филипче.
За зголемениот број на млади лица кои умираат иако немаат никакви хронични болести, Филипче вели дека вакви случаи има и во Европа и дека кај дел од младите состојбата се влошува за неколку часа.
Но лидерот на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ Христиајн Мицкоски целата вина ја гледа во владејачката структура:
– Станавме земја во која министри шетаат на одмори, се бара провизија за вакцини, преку викенд возат мотори, а кога не го прават тоа летаат со хеликоптери, и сето ова додека народот умира.
50 починати е цела една зграда, цел еден блок, една градска улица со куќи кои се зацрнуваат. Задоцнија од власта со реакцијата, немаат систем, ниту план. Народот е препуштен сам на себе. Оваа влада треба да падне, тоа е единствената шанса за да работите тргнат кон подобро – вели Мицкоски.
Починаа две родилки на 32 и 33 години
Две родилки кои изминатиов месец болнички се лекувале од ковид-19 починаа во исто деноноќие, соопшти Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК). Родилките се на 32 и 33-годишна возраст.
33-годишна жена од Делчево, второротка, со царски рез е породена термински уште на 11 март, со машко бебе од 2.900 грама кое во добра општа состојба веќе е испишано од Гинекологија.
Втората родилкa е 32-годишна скопјанка, породена е предтермински, со царски рез во 30 недела од бременоста. Таа на Клиниката за гинекологија биле донесена од Инфективната клиника на 20 март во тешка состојба и само неколку часа по породувањето, поради исклучително лошата клиничка состојба, препратена е на КАРИЛ. Предвременото роденото бебе е женско, кое сè уште се наоѓа на Одделот за интензивна нега на ГАК и е респираторно зависно, велат од Гинекологија.