Ова е закон кој е напишан за да се создаде простор црногорската влада да војува со Српската православна црква, порача деновиве протојереј-ставрофор Гојко Перовиќ, ректор на Богословијата на СПЦ на Цетиње, Црна Гора.
Тој, како и надлежните органи на Црногорско-приморската, Захумско-херцеговачката, Милешевската и Будимљанско-никшиќската епархија на СПЦ, категорично се противат на новопредложениот црногорски закон за слобода на вероисповедта. Во предлогот содржани се низа одредби за кои претставници на СПЦ сметаат дека се насочени против четирите епархии во овaа земја со цел да ги прекинат врските со Пеќката патријаршија. Познато е, СПЦ преку својот митрополит Амфилохие, кој ќе ги води преговорите со МПЦ-ОА, веќе подолго време е во отворен судир со актуелното црногорско раководство предводено од премиерот Мило Ѓукановиќ. Во овaа земја дејствува и канонски непризнаената Црногорска православна црква, која претендира да го преземе имотот на српските епархии.
„Во државна сопственост ќе бидат сите оние верски објекти што се градени со вложувањата на граѓаните, како и со државни пари до 1 декември 1918 година. Тие објекти ќе може да бидат дадени на управување на верските заедници”, е една од клучните одредби што предизвикаа револт кај српските достоинственици. Ова, практично, значи дека државна сопственост ќе стане најголемиот дел од десетици манастири и цркви, кои се сега во сопственост на СПЦ – познатиот манастир во Острог, Цетињскиот манастир, Ѓурѓеви ступови, манастирот „Морача”… Освен ова, територијата на верските заедници не ќе смее да се протега надвор од црногорските државни граници. Тоа значи дека наместо сегашните четири српски епархии, чии делови навлегуваат во оваа држава, ќе може да има само една. Kатегоричен услов е седиштето на овие верски заедници да биде во Црна Гора, а верската поука може да ја изведуваат само лица што се црногорски државјани.
– Државата има амбиција да ни ги одредува црковните граници и каде е центарот на црквата. Црногорската влада промовира дека својот центар ќе го пренесе од Подгорица и Цетиње во Брисел, Вашингтон и во Париз. На мене како христијанин ми сугерира својот центар да го сведам на Црна Гора, а јас со векови сум центриран во Ерусалим, Москва, Kиев, Цариград и во Пеќската патријаршија. Не постои шанса некој како мене, православен Црногорец, да ме одвои од Пеќската патријаршија – рече протојереј Перовиќ. Меѓу предложените одредби е и онаа со која се бара верската заедница на доверлив начин ја информира црногорската влада за именување највисоки достоинственици. Со ова државните власти ќе може да реагираат до верските заедници доколку некое кадровско решение не им е по волја. Освен ова, на верската заедница ќе и се забрани дејствување доколку таа разгорува национална, расна, верска и друга омраза. На удар на оваа одредба би можел да се најде митрополитот Амфилохие, кој често дава изјави насочени против актуелните црногорски власти, како и кон други верски конфесии, хомосексуалци и други општествени групи.
– Со овој закон се овозможени најголеми слободи во оваа област. Државата добива право да ги санкционира верските заедници само во случај на злоупотреби против правниот поредок во нашата земја. Верските заедници и натаму може да бидат корисници на добрата што се во државна сопственост – изјави Драгутин Паповиќ, помошник-министер за човекови и малцински права на Црна Гора.