Бил Шортен ги отфрли „црните предупредувања” на Малком Турнбул поради даночните планови на лабуристите за богатите Австралијци, нарекувајќи ги нечесни предвидувања.
Во опширниот говор кој го одржа во Канбера, лидерот на опозицијата ги отфрли коментарите на прајминистерот, дека даночните планови на лабуристите ќе ги спречат луѓето да се обидат да отидат чекор понатаму и да ја одржи постоечката разлика меѓу оние кои се богати и оние кои тоа не се. Турнбул предупреди дека даночниот план на лабуристите за најголемата даночна стапка од 49,5% може „да ги поткопа аспирациите и праведноста”, но Шортен изјави оти овие „црни” прогнози се невтемелени бидејќи се добило само зголемување од 0,2% на просечната даночна стапка за оние со повисоки примања.
„Пред да слушнеме уште едно нечесно предавање за тоа како секој втор долар оди за владата, прво да ги погледнеме фактите. Најпрво, поради прогресивниот даночен систем кој го има Австралија, никој не плаќа најголема даночна стапка на целиот свој приход. На пример, во овој буџет донесена е одлука која би се применувала од 1 јули 2019 година каде секој Австралиец кој заработува $200.000 ќе плати просечна даночна стапка од 34.1%. според планот на лабуристите истата личност на $200.000,00 би платила просечна даночна стапка од 34.3%. Едноставно тешко ми е да сфатам како таа разлика од 34.1% и 34.3% се најавува како крај на западната цивилизација каква што ја познаваме и дека луѓето едноставно ќе престанат да работат” – рече Шортен на конференцијата на CEDA за состојбата на нацијата. Лабуристите одбија да го поддржат предлогот на владата да за 0.5% се зголеми доприносот за здравствено осигурување со кое би се финансирало здравственото осигурување на лица со инвалидитети.
Наместо тоа сакаат да воведат зголемување на данокот на работници кои заработуваат над $87.000 годишно. Исто така сакаат привремениот данок за работниците кои заработуваат над $180.000, да го направат траен. Според сегашните прописи овој данок се применува до 1 јули. Премиерот го критикуваше планот на конференцијата на CEDA велејќи дека со него е оневозможен напредокот на Австралија. „Еден од знаците на напредно и развиено општество е економија која добро функционира, и секоја генерација да настојува да се унапреди претходната и има добри шанси тоа да го направи. Либералите не само што веруваат во овој идеал, веруваме дека е должност на владата да помогне тоа да се направи возможно” – рече тој.
Моделирањето на Австралискиот национален универзитет покажува дека планот на лабуристите веројатно ќе донесе $6.8 милијарди повеќе, за време на десет години, во однос на планот на либералите. Според овој модел, ако политиката на либератите се применува од 1 јули 2019 година, тогаш 60% од домаќинствата ќе плаќаат повеќе, 39% не би ги почувствувале промените, а 1 % би забележале подобрување. Според политиката на лабуристите 27% Австралијанци би плаќале повеќе, а 73% не би почувстувале промена. Моделирањето исто така покажа дека 20% од оние кои најмногу заработуваат ќе плаќаат дополнителни $1.734 данок годишно според планот на лабуристите или дополнителни $1.105 според планот на владата.