Црногорците не сакаат во НАТО

 

Инцидентот на граница на тепачка меѓу пратениците од црногорската власт и опозицијата, кој се случи во црногорското собрание, сè уште е главна тема во црногорските медиуми.

Потпретседателот на црногорската влада и на владејачката Демократска партија на социјалистите, Душко Марковиќ, за виновник во инцидентот ги прогласи пратениците од опозицискиот Демократски фронт (ДФ), велејќи дека е тоа израз на „немоќ и признавање на поразот од страна на ДФ”, но Милан Kнежевиќ, член на претседателството на ДФ, ги негираше овие наводи велејќи дека инцидентот во собранието е, всушност, јасна дијагноза на црногорското општество и поделеноста во Црна Гора за влезот во НАТО.
– Обвинувањата на Марковиќ се страв од фактот дека ДФ од ден на ден добива поддршка од слободните граѓани на Црна Гора, кои сакаат промени и организирање референдум за евентуалното членство на Црна Гора во НАТО – нагласува Kнежевиќ. Според него, на власта и е јасно дека по октомвриските избори годинава, ДФ ќе одржи референдум на кој граѓаните на Црна Гора би се изјасниле за членството во НАТО, а прва одлука на ДФ по изборите ќе биде укинување на санкциите кон Русија и повлекување на признавањето на Kосово.
– Мнозинското расположение на граѓаните е против пристапување во северноатлантската воена алијанса, а наша должност e да им овозможиме на граѓаните да го искажат своето мислење – вели Kнежевиќ.
Тој е сигурен дека резултатите од референдумот ќе покажат оти повеќе од 60 отсто од граѓаните се против влезот на Црна Гора во НАТО и смета дека секаква друга одлука би предизвикала дополнителна нестабилност, немири и протести. Kнежевиќ потсетува дека е потребно спогодбата за пристапување на Црна Гора во НАТО да биде ратификувана од сите членки на ЕУ, па смета дека е невозможно таа да се најде во собраниска процедура пред новите избори и конституирањето на новиот парламентарен состав, па Црна Гора има време да одлучи дали одлуката за членство во НАТО ќе биде донесена на референдум или во собранието. Според Уставот на Црна Гора, за усвојување ваков акт се потребни 22 пратеника од 41 присутен пратеник.

И гласачите на Ѓукановиќ против НАТО

Kоординаторот на движењето „Не во војна, не во НАТО”, Игор Дамјановиќ, вели дека црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ никогаш во политичката историја немал помала поддршка за својата одлука како за зачленувањето во НАТО и дека е јасно оди референдумот не би го имал исходот што тој го посакува.
– Дури третина од гласачите на партијата на Ѓукановиќ не се согласуваат со својот политички лидер за ова прашање. Реалното противење на граѓаните за влезот на земјата во злосторничкиот сојуз, кој не само што го бомбардираше овој простор туку и трајно го затру со употребата на муниција со осиромашен ураниум, е толку силно, што Ѓукановиќ не е во состојба ни да го фалсификува референдумот – вели Дамјановиќ.
Според него, црногорскиот премиер има цврста стратегија да го избегне референдумот по секоја цена, а тука му помагаат и опозициски партии, кои од страв да не ја изгубат наклоноста на амбасадата на САД, ја промовираат тезата дека прашањето за членството во НАТО не е важно.

Останати вести