Црвена звезда: Кој го прикрива обидот за убиство во Скопје?

Двајца државјани на Србија биле нападнати во Стара скопска чаршија, при што едниот бил прободен со нож во градниот кош и е опериран во Скопскиот клинички центар, соопшти МВР. Повредениот е надвор од животна опасност. 

Инцидентот се случил на 8 ноември околу 16.50 часот во Стара скопска чаршија, кога Н.Д.(23) и С.С.(25) од Србија биле физички нападнати од повеќе непознати лица при што едно од лицата со нож му нанел убодна рана на 23-годишникот во градниот кош.
Нападнатите биле навивачи на Кошаркарскиот клуб “Црвена звезда” кој во Скопје играше против домаќинот КК “МЗТ-Скопје”.
Раководството на Црвена звезда преку соопштение реагираше за немилите сцени во Скопје пред мечот МЗТ Скопје – Црвена звезда, бидејќи петмината навивачи на „црвено-белите” биле нападнати во македонскиот главен град, здобивајќи се со сериозни повреди:

„КК Црвена звезда ја известува домашната јавност дека во организиран напад, за кој дознавме дури во вторник, 10 ноември 2015 година, во Скопје е тешко повреден навивачот на нашиот клуб, Никола Додиќ. КК Црвена звезда ги прашува македонските власти и полицијата, зошто во нападот во кој учествувале повеќе лица, не е информиран никој од нашиот клуб, ниту пак од нашата држава, и кој тоа се обидува да го прикрие обидот за убиство што се случил во една скопска кафеана. Според сознанијата до кои дојде нашиот клуб, во нападот учествувале 15-20 лица кои нападнале петмина наши навивачи од Врање, кои на ниту еден начин не испровоцирале било каков инцидент. Стефан Јовановиќ, Марко Јовановиќ, Слаѓан Стојановиќ, Милош Јовиќ и Никола Додиќ застанале во еден локал за да нарачаат храна пред заминувањето на натпревар. Без било какви клупски обележја ниту пак однесување што би можело да се посочи како провокација, нападнати се во близина на локалот „Турист” во старата чаршија во Скопје од страна на повеќе лица од албанска националност кои биле наоружани со ножеви и палки.
Никола Додиќ бил прободен од зад грб, при што му се повредени белите дробови, а исто така има и повреда на глаата од удар со безбол-палка, додека Слаѓан Стојановиќ има исекотини од нож по лицето. Сите останати се здобиле со повеќе удари со безбол палки.
Сакаме да ја известиме јавноста дека Никола Додиќ не се наоѓа во животна опасност, но се уште е на лечење во болница во Скопје.
КК Црвена звезда ги контактираше повредените навивачи на нашиот клуб и ќе стори се за овој случај да се расветли до крај, да се пронајдат виновниците бидејќи ова многу лесно можеше да има трагични последици, како оние во Истанбул, каде настрада нашиот навивач Марко Ивковиќ”, стои во реакцијата на КК “Црвена звезда”.

Останати вести