Британски “Економист” наведува дека колку и да се мрачни бројките на умрените од коронавирусот кои светските влади секојдневно ги објавуваат, бројот на умрените од ковид-19 може да е уште поголем.
Има неколку причини за тоа, наведува “Економист”. Првата е дека официјалните статистики во многу земји ги исклучуваат жртвите кои пред смртта не биле тестирани на коронавирусот, што може да биде голем број во местата каде што не се тестира многу.
Втората причина е што болниците и бирократијата со недели не ги процесираат посмртниците, поради што доаѓа до застој во податоците. А третата причина е што пандемијата им го отежна на лекарите лекувањето на пациентите со други симптоми и ги обесхрабри луѓето да одат во болниците од страв да не се заразат што индиректно можело да предизвика скок на бројот на умрените од други болести освен короната.
Еден начин да се пребројат овие методолошки проблеми е употребата на мерката позната како „прекумерна смрт”: се зема бројот на луѓето кои умираат од која било причина и се споредува со историскиот просек во последните години. Економист користел статистички модели за да го предвидат бројот на смртни случаи кој секоја земја кога ситуацијата би била „нормална” би го регистрирала во 2020 година.
На листата на 50 земји со „прекумерни смртни случаи” Македонија е на третото место, по Перу и Русија.
Во периодот од 1 април 2020 до 31 јануари 2021 година од коронавирусот во Македонија умреле 2.490 луѓе, додека бројот на „прекумерни смртни случаи” изнесува 5.690. На 100.000 луѓе тој број на „прекумерни смртни случаи” изнесува 274.
“Економист” наведува дека табелата покажува дека во повеќето места бројот на „прекумерни смртни случаи” во споредба со очекуваниот е поголем од бројот на ковид жртвите кои владите ги пријавиле.
