Србија и Mакедонија – чудо за три дена

Од демонстративно повлекување на амбасадата до покана за заедничка седница на Владите
Заев и Вучиќ телефонски разговарале и се договориле да не се караат. Индикативно беше молчењето на Вашингтон и Москва за овој “невиден дипломатски скандал”, а Брисел само рутински порача да се “смири топката”.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот, Зоран Заев во средата зборуваа на телефон и ги договорија (во пет точки) принципите врз основа на кои ќе се темелат односите меѓу двете земји, а пред се принципот сите можни спорови да ги решаваат меѓусебно преку дијалог.
Република Македонија и Република Србија сите евентуални недоразбирања во меѓусебните односи ќе ги решаваат исклучиво по пат на дијалог.
Без разлика на различните политички ставови во однос на одредени важни политички и регионални прашања, Македонија и Србија заедно ќе се борат за сочувување, но и за унапредување на пријателските релации на македонскиот и српскиот народ, како и граѓаните на Македонија и Србија.
Република Македонија и Република Србија ќе вложат уште поголеми напори за понатамошно унапредување на економските релации и зголемување на трговската размена меѓу двете земји.
Република Македонија и Република Србија, во согласност со прописите на меѓународното јавно право, и на добра волја и пријателска основа ќе ги заштитат интересите и правата на дипломатските и конзуларните претставништва на сопствената територија.
Република Македонија и Република Србија ќе ја интензивираат меѓусебната комуникација на највисоко ниво и ќе си дадат взаемна поддршка една на друга на патот кон ЕУ и во зајакнување на добрососедските односи, што ќе придонесе кон стабилност на регионот.
Амбасадорката на Македонија во Белград на кафе и сладок муабет
Претседателот на Србија Александар Вучиќ ја повикал на средба амбасадорката на Македонија во Белград, Вера Јовановска Типко, и и соопштил дека српската премиерка Ана Брнабиќ ќе упати покана до македонскиот премиер Зоран Заев за одржување заедничка седница на владите на двете земји до крајот на годинава во Белград.
– Сите сметаме дека е потребно да работиме вредно и одговорно на унапредување на нашите односи, нагласил Вучиќ на почетокот на средбата, прва откако Србија на 21 август го повлече целиот персонал од Амбасадата во Скопје на итни консултации во Белград.
Вучиќ и Јовановска Типко, како што пренесува Танјуг, разговарале и за што побрзо одржување на Мешовитиот комитет за економска соработка. Српскиот претседател разговарал со македонската амбасадорка и за можностите за унапредување на добрососедските односи и на традиционалните пријателски врски меѓу двете земји и нивните народи.
Како теми за кои би се разговарало на зедничките состаноци кои претстојат, би биле унапредувањето на соработката во сите сфери, особено во економијата, туризмот и заедничкиот настап на трети пазари. На средбата е нагласено и значењето на соработката во областа на науката и културата и заштитата и зачувувањето на јазиците на српското и на македонското национално малцинство во двете земји. Констатирано е и дека соработката на стопанските комори на двете земји е многу добра за што показател е и основањето на Српско-македонскиот бизнис клуб, се вели во соопштението од кабинетот на српскиот претседател.

Хан: Проблемот меѓу Македонија и Србија се реши без посредство на ЕУ
Еврокомесарот за соседска политика и проширување на ЕУ, Јоханес Хан, изјави дека дипломатскиот проблем меѓу Македонија и Србија се појави и беше решен така брзо што немаше потреба од вклучување на Европската унија.
„Секако дека би сакал да се запознаам подобро со причините за овој проблем, но добро е што веќе постои доверлива врска меѓу лидерите на двете земји и тоа што остварија брз телефонски разговор”, рече Хан.
Тој го посочи како позитивен начинот на кој беше решен проблемот што покажува дека постои позитивен развој во регионот и се надева дека ќе продолжи и во иднина.
„Првиот разговор меѓу двајцата лидери покажува дека постои самодоверба кај политичарите за надминување на овие прашања и моето очекување е дека ваквите работи се настани од минатото”, додаде Хан.

Во Србија има лажна слика за Македонија
Претседателот на Партијата на Македонците во Србија Горан Илиевски за тамошната ТВ Н1 изјави дека во Србија има лажна слика за Македонија.
Тој додава дека на Заев не може да му се стави на товар нешто што го направи претходната влада и оценува дека медимите во Србија се тенденциозни кон македонскиот премиер.
„Новинарството во Србија падна на многу ниски гранки, ова е политички маркетинг кој зема големи размери”, вели тој.
Илиевски вели дека Србија сама мора да го реши проблемот со Косово.
„Дали пред три дена некој објави дека Македонија не гласаше за прием на Косово во светската организација на студенстката универзијада, а Кина и Русија гласаше за”, рече Илиевски.
Тој вели дека во две работи се согласува со српскиот претседател Александар Вучиќ: кога по првата средба изјави дека Зев е чесен, искрен и чесен човек и второ дека народот на Македонија не гласаше за признавање на Косово, туку дека тоа го сторија политичките структури кои тогаш беа на власт.
„ВМРО-ДПМНЕ го призна Косово, во коалиција со Демократслата партија на Србите, која не излезе од коалицијата. Владата на ВМРО-ДПМНЕ гласаше и за прием во УНЕСКО”, вели Илиевски.
„Регионот мора да соработува. Ако не бидеме пријатели, не можеме да одиме напред”, оценува Илиевски.

(“МКД.мк”)

Останати вести