Ахмети: Вреди да размислиме за коалиција со СДСМ на локалните

Лидерот на ДУИ Али Ахмети во интервју за ТВ21 истакна дека на локалните избори е можна коалиција со СДСМ, затоа што соработката меѓу двете партии е одлична.

– Да видиме кои се интересите на граѓаните, кои се интересите на нашите партии ДУИ и СДСМ. Јас мислам дека нашата коалиција со СДСМ добро функционира последните четири години, односно од кога ја формиравме Владата со нив. Да, вреди да се размисли за можна коалиција. Но, без разлика дали ќе има коалиција или не, ние ќе настапиме со наши листи за советници – рече Ахмети.
На прашање за тоа дали планира да се повлече од местото лидер на ДУИ, со оглед на тоа дека по најавата за промоција на нешто ново во јавноста се појавија и шпекулации дека е можно негово повлекување, Ахмети истакнува дека ќе остане до наредниот Конгрес.
– Затоа, сега за сега не планирам да се повлечам. Имам уште 3 години мандат, до следниот конгрес. Имаме многу работа до тогаш – порача Ахмети.
“Македонци, немојте да се плашите од мене”!?
Али Ахмети во емисијата „Клик Плус”доби директно прашање дали Македонците треба да се плашат од него, по што одговори:
– Не треба да се плашат… Доколку се плашат дека Ахмети кажал оти оваа држава е и моја, тогаш нема потреба да се плашат, бидејќи навистина оваа држава е и моја. Доколку се плашат дека државата сакам да ја направам како Швајцарија, тука не мислам на кантонизација туку граѓаните да бидат еднакви: Албанците, Македонците, Власите, Србите, Турци, Роми, Бошњаци, сите да бидат еднакви, секој да биде вработен. Доколку се плашат дека јас ќе ја превземам цела држава, нема потреба да се плашат, јас работам Македонија да биде слободна, демократска, напредна, почитувана, да биде во ЕУ, да има добри односи со сите држави од регионот, да ги негуваме нашите култури, јазици, да напредува нашата младина, да се зголеми квалитетот во образование, здравство, да не се оперираме во Австрија или Турција туку да ги образуваме нашите доктори тука, да завршат специјализација во земјите кои се понапредни од нас, да земеме кадар, професори од Европа и да ги донесеме во нашите универзитети за да се зголеми вредноста, квалитетот, бидејќи сега е векот на квалитетот, не се оди напред со количина, со демагогии, туку со прагматизам, со знаење, рече Ахмети.

Останати вести