Дачиќ за најавите за „Голема Албанија“: Тоа е главната закана за мирот на Балканот

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ побара од Европската унија, САД и Велика Британија да реагираат на изјавите на албанските, косовските и политичарите на трите општини на југот на Србија за обединување со Албанија.

Дачиќ кажа дека тие ќе бидат директно одговорни доколку не реагираат на ваквите искажани ставови на албанските политичари, пренесуваат српските медиуми.
За изјавата на претседателот на општината Бујановац, Јонуз Муслиу, дека унијата на Албанија и Косово е „бесмислена без Прешевската долина, Медвеѓа, Бујановац и Прешево”, Дачиќ предупреди дека албанските политичари стануваат „главна закана за мирот и стабилноста на Балканот и Европа”.
„Координираните изјави на албанскиот премиер Еди Рама и косовскиот претседател Хашим Тачи за унија на Албанија и Косово, и таа на Јонус Муслиу, покажуваат дека голема Албанија е цел на сите Албанци. Денес Муслиу на тоа го додаде и Ниш, а утре ќе бидат и Скопје, Улцињ, Епир. Ќе прозборат ли ЕУ, САД и Велика Британија? Ако тоа не го направат сега, кога голема Албанија стигна до Ниш, ќе бидат директно одговорни за последиците”, истакна Дачиќ.
Тој додаде дека Албанците треба да ги „измерат своите зборови, бидејќи на меѓународната сцена повеќе ги нема нивните заштитници кои ја бомбардираа Србија за да ѝ го грабнат Косово на Србија”.
„Тоа повеќе никогаш нема да се повтори. Србија никого не провоцира, но и не се плаши од никого. За среќа, сето ова е само пуст сон. Но искуството нè учи колку е краток патот од соништата до кошмарот”, кажа Дачиќ.
Албанскиот премиер Еди Рама изјави претходно дека не може да се исклучи унија меѓу Албанија и Косово, доколку ја снема можноста за членство на земјите од Западен Балкан во Европската унија.
Претседателот на општината Бујановац, Јонуз Муслиу, изјави дека официјална Тирана има целосна поддршка за „обединување на Албанија и Косово”, доколку изостане нивната европска перспектива, „но не без Прешево”.
Муслиу во изјава за локална агенција изјави дека ги поддржува изјавите на албанскиот премиер Еди Рама и на косовскиот претседател Хашим Тачи за унијата на Албанија и Косово, но смета дека „без Ниш нема Голема Албанија”.
Хашим Тачи претходно изјави за Радио Слободна Европа дека доколку ЕУ ги затвори вратите за Косово „сите Албанци во регионот ќе живеат во една единствена држава за да се продолжи натаму со интеграцијата во европското семејство”.

Останати вести