Основниот суд Скопје 1 ја извести јавноста дека на затворено судење првостепено ја осудил на година и два емсеца затвор дадилката која во скопски Ѓорче Петров малтретираше деветмесечно детенце.
„Судењето беше затворено за јавност поради заштита на правата на оштетеното малолетно лице”, соопштија од Основен суд Скопје 1.
Обвинетата Т.С., пак, негираше дека се чувствува виновна, а нејзиниот бранител побара преквалификација на делото. Адвокатот на дадилката сметаше дека притворот за Т.С. е одреден врз основа на доказ што е незаконски прибавен и побара судијата тој доказ да го издвои.
Инаку, се работи за случај за кој се појавија бројни реакции низ јавноста. Родителите на деветмесечното бебе ја ангажирале жената за да го чува нивното бебе, но се посомневале дека го малтретира нивниот син кога забележале модринки по неговото тело. Обвинението се засноваше на прибраните докази, меѓу кои и извршените вештачења, особено за психичката состојба на осомниченото лице и за настанатите последици кај детето.
На 20 август 2015 година таткото на 9 месечното дете ненајавено влегол во домот и ја забележал Т.С. како со рака по лицето го удира, но не изреагирал, сметајќи дека можеби се работи за негов превид.
Наредните денови поставил видео камера во својот дом со цел да го заштити своето дете и да утврди како за него се грижи пријавената. Па, на 2 септември ја извадил видео снимката и забележал како го малтретира и тепа детето, грубо се однесува кон него, со викање, навредување, штипење за рацете, грубо тресење во релаксаторот и во раце, тегнење на ушите и други облици на грубо однесување.
Снимката потоа беше објавена низ социјалните мрежи и медиумите.