Дали станува збор за легендарниот Мигалу?

Мистичниот и легендарен кит Мигалу, прв пат бил забележан во 1991 година.

„Тоа е Мигалу”, ова се зборовите на познатиот научник Грег Кауфман кој е 100% убеден дека белиот кит кој е снимен покрај брегот на Австралија кај Квинсленд на 10 август е дефинитивно единствениот албино грбав кит на светот – Мигалу.
Кауфман, директор на „Pacific Whale Foundation”, кој китовите ги проучува со децении, е сигурен во тоа откако ги видел првите снимки. „Сличноста со Мигалу е совршена и по грбната перка”, тврди тој.
Мистичниот и легендарен кит Мигалу, за прв пат бил забележан во 1991 година и Кауфман оттогаш го следел. Тогаш бил дел од тимот кој отишол до абориџинските старешини за да им помогне да му се даде име на овој навистина посебен кит. Абориџините се о длучиле за името Мигалу, што на нивниот јазик значи „бело момче”.
„Во културата на Абориџините белите животни се испратени на овој свет за да нè потсетат на единственоста и светоста на животот. Тие веруваат дека таквите суштества мораат да бидат ценети”, појаснил Кауфман за австралиските медиуми.
Инаку, грбавите китови се идентификуваат по долната површина на опашката која е како отпечаток на прст, кај секој примерок различна.
Меѓутоа, еден друг експерт, Оскар Петерсен, основач на Истражувачкиот центар за бели китови, кој исто така го следи Мигалу уште од раните денови, вели дека овде не станува збор за Мигалу затоа што овој кит се чини премал и пребел за да одговара на описот.
„Ова е веројатно Мигалу Џуниор”, вели Петерсен.
Тревор Лонг од SeaWorld вели дека ова е животното кое прв пат е видено во 2001 година и веднаш е наречено „синот на Мигалу”. „Ова животно е премало за да биде Мигалу”, тврди Лонг.
Мигалу е единствен – тој е единствениот албино грбав кит на светот. Т.н. Мигалу Џуниор, појаснува Кауфман, никогаш не е потврден како потомок на Мигалу. Покрај тоа, на опашката има темна точка која и понатаму потемнува, па тој всушност и не е албино кит.

Останати вести