Дали сте среќни во Дубаи и зошто не?

Ако во Дубаи кажете дека сте несреќни, можно е полицијата да ве повика за да ве праша зошто, како дел од новото истражување. 

Анкетата што во последните денови се спроведува онлајн се случува во период кога Дубаи се обидува до 2021 година да влезе во конкуренција на 10-те најсреќни градови во светот, уште еден напор во групата амбициозни желби на оваа држава што е дом на највисоката зграда во светот.
На оваа едноставна анкета, испитаниците треба да изберат меѓу намуртено, насмеано и лице со права линија кое не покажува емоција.
Од полицијата соопштија дека ќе ги повикаат оние кои се изјасниле дека не се среќни, нешто што ги збуни дел од набљудувачите како Вилијам Дејвис, професор на Универзитетот во Лондон кој неодамна ја издаде книгата „Индустријата на среќата: Како владата и големиот бизнис ја продадоа нашата благосостојба”.
„Ова мене ми изгледа како обид да се заплашат луѓето под а) да одговорат на анкетното прашање и под б) да одговорат дека се среќни бидејќи луѓето не сакаат полицијата да им се јави и да им го постави прашањето „И, кој е вашиот проблем?”, рече Дејвис.
Овој обид да се процени среќата може да се забележи во владините канцеларии во Дубаи, една од седумте држави во Обединетите Арапски Емирати. Граѓаните можат веднаш да го споделат своето искуство на малите таблети поставени до државните службеници. Минатата година, властите ги оценуваа општинските канцеларии со систем од две до седум ѕвезди врз основа на услугите што им ги нудат на корисниците, што претставува дел од проектот „паметна влада” на Дубаи.
Во овој обид за среќа е вклучена полицијата на Дубаи, што во странство е позната по луксузните автомобили што се дел од нејзиниот возен парк.
Пораките од полицијата на Твитер најчесто го има хаштагот „Вашата безбедност е наша среќа” напишан и на арапски и на англиски. На еден саем за електроника што се одржа неодамна, полицијата на Дубаи ја објави анкетата за среќа. Од полицијата испратиле текстуални пораки на дел од жителите на Дубаи, во кои се содржи и линк од веб страницата на која е прикажана фотографија од лидерот на Дубаи, шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум, со кулата Бурџ Халифа во позадина. Во порака се содржи едно прашање на англиски и арапски: „Дали сте среќни во Дубаи?”.
Полицијата изјави во текот на првиот ден дека имало повеќе од 200.000 одговори на анкетата, во 84 отсто од нив луѓето одговориле дека се среќни, 6 отсто биле неутрални и 10 отсто несреќни.

Останати вести