Владата не брза со распишување на референдумот. Прво сака добро да го “подготви” теренот
Како ќе биде формулирано реферeндумското прашање е клучно за успешен референдум. Прашањето треба да биде јасно, без тактизирање, да не остава никаков простор за сомнежи, без обиди да се надмудри народот или да се смислуваат формулации на кои би биле фатени во замка граѓаните пред гласачките кутии. Законот за рефeрендум е јасен – референдумското прашање треба да биде прецизно формулирано и недвосмислено, така што граѓаните да можат да одговорат со „За” или „Против”. Одлуката на референдумот е усвоена, ако за неа гласало мнозинството од избирачите, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број избирачи.
Трендафил Ивановски, поранешен претседател на Уставниот суд, за “Плусинфо” вели дека треба да се размислува за референдумското прашање кое ќе обедини три значајни елемента: позитивно изјаснување на граѓаните за стапувањето на земјата во сојуз со други држави (НАТО и ЕУ), како и за промената која е направена со постигнатиот договор со Грција, а сето тоа тоа да биде поттик и за гласање на опозицијата.
Според него тоа би требало да гласи отприлика вака: „Дали сте за Северна Македонија да влезе во сојуз со Северноатлантската алијанса – НАТО и со Европската унија?”
Со вакво рефрендумско прашање, смета Ивановски, ќе се поттикнат и тие што се противат на Договорот со Грција, односно опозицијата да излезе на гласање која исто така има јасен став во однос на евроатлантските интеграции. Во спротивно би било погубно за најголемата опозициска партија, ако гласа против влегувањето во НАТО и ЕУ.
Ивановски, сепак, смета дека не треба да се избрзува со референдумот, особено сега кога е ратификуван Договорот со Грција, а во кој Македонија нема обврска да спроведе референдум и дека поприоритетно е да се следат сигналите кои доаѓаат од НАТО и од ЕУ, по јулскиот самит на Алијансата и по добиениот датум за преговори од Советот на ЕУ.
Ако ВМРО-ДПМНЕ објави бојкот, ќе се уништи себеси
Токму и во овој контекст е нејасниот став на опозицијата дали ќе го бојкотира референдумот, зашто Договорот со Грција не ја обврзува Македонија да организира референдум, а пак Уставот не обврзува на референдум во врска со пристапувањето во евроатлантските интеграции. Кога опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, кој е жестоко критикуван од фракционерите дека се пазари, дека нема јасен став и седи на две столчиња, сега би најавил бојкот на референдумот, тогаш, капитулацијата која тој најчесто ја користи за да го оцени Преспанскиот договор, најверојатно ќе треба да си ја препише на себе си и на сопартијците.
– Овој момент не смее да се пропушти, шансите треба да се искористат, затоа сметам дека е подобро да не се брза со референдумот, а референдумското прашање треба добро да се осмисли за да добие поддршка и од опозицијата на референдумот кој пак мора да биде организиран така како што пропишува Уставот и законот – истакнува Ивановски за “Плусинфо”.
Без чепкање во цензусот за да нема сомнежи
Според Ивановски никако не треба да се прават промени во законски определениот цензус за успешен референдум, а што деновиве заговараат некои политички аналитичари. Каков било обид за интервенции во пропишаниот цензус, ќе отвори сомнежи кај народот, кои се непотребни, пред се, затоа што станува збор за прашање од големо значење за иднината на земјата. И не само тоа, евентуалното намалување на цензусот може да отвори прашања и за легитимитетот на донесените одлуки.
Прашањето на македонскиот референдум за независност од 8 септември 1991 година, беше навистина прецизно и јасно и гласеше: „Дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверени држави на Југославија?
На гласањето за македонската независност според официјалните податоци, од 1.495.807 гласачи излегле 1.132.981 граѓанин со право на глас или 71,85%, а од вкупниот број граѓани кои гласале на референдумот, а позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани односно 95,26% (односно 72,16% од вкупниот број на граѓани со право на глас).
ЗАЕВ: Во референдумското прашање ќе стојат договорот со Грција, НАТО и ЕУ
– Не се знае како точно ќе гласи референдумското прашање, но во него ќе бидат договорот со Грција, како и ЕУ и НАТО, вели премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање за време на работната посета на Прилеп (практично со истиот референдум да се исполнат обврските за членство во НАТО и ЕУ).
– Со политичките чинители и со граѓанскиот сектор ќе утврдиме дали референдумот ќе биде консултативен или обврзувачки, но во секој случај резултатот ќе биде задолжителен. Чекаме да дојдат 11 и 12 јули, кога се нашите очекувања за поканата во НАТО. Веднаш потоа државата ќе ја отвори дебатата, ќе го утврдиме веројатно и терминот за одржување на референдумот, референдумското прашање и стилот на самиот референдум, рече Заев.
Најверојатно, како што додаде, ќе останат роковите – крајот на септември и почетокот на октомври – за референдумот и во тоа ќе помогнат Државната изборна комисија и експертите во парламентот.