Дамскиот накит од Македонија наесен во Њујорк

Во Њујорк во октомври ќе биде изложен накитот кој низ минатите векови го носеле жените што живееле на територијата на Македонија.

Археолошката изложба „Дамскиот накит низ вековите” е закажана за 10 октомври, ќе биде отворена во Македонскиот културен центар во Њујорк, а ја организира Археолошкиот музеј на Македонија. Kустос е м-р Јане Kлековски. На поставката нема да бидат изложени оригинали, туку сертифицирани копии од оригиналните предмети.
– Станува збор за накит кој одбележува подолг временски период, од железно време до доцниот среден век, има многу интересни парчиња. Ќе бидат изложени копии бидејќи е многу сложена процедурата за излагање оригинали. Пред се осигурувањето е многу скапо – вели за “Дневник” Весела Честоева, директорка на Археолошкиот музеј.
– Планиравме да трае десет дена, но не информираа дека има голем интерес, па ја продолживме и ќе трае 20 дена. Се надевам дека ќе го привлечеме вниманието на јавноста – вели Честоева.
„Дамскиот накит низ вековите” лани во мај беше отворена во македонскиот Kултурно-информативен центар во Софија, како централен настан на одбележувањето на десетгодишнината од отворањето на Центарот. Во изложбата се застапени 46 копии на предмети откриени на македонските археолошки локалитети. Има ѓердани, белезици, обетки и прстени од злато и од сребро, украсни теракотни садови, бронзени приврзоци со претстави на птици и афионови чашки (култни атрибути на пајонската култура), средновековни бронзени крстови-реликвијари, од неолитот до османлискиот период.
Според Честоева, накитот и китењето се нераскинливо врзани со живеењето во сите култури и дека од него се дознава многу за социјалната, статусната, професионалната или етничката определба, но и за индивидуалните афинитети, естетските, духовните и религиските норми на носителите.
– Преку презентираните копии осознаваме за технолошката обработка, продукцијата и уметничкиот израз на популациите кои живееле на просторот на Република Македонија – вели таа.

Останати вести