Во финалето на ракометниот мундијал во Каиро Данска ја совлада Шведска со 26:24 и ја одбрани титулата светски првак. За Данците тоа беше петто финале и втор трофеј додека Швеѓаните кои низ историјата имаат осум финалиња останаа на четирите златни медали.
Шведска во Каиро направи подвиг со пласман во финалето бидејќи допатува со речиси втор состав, а во прелиминарната фаза ја совлада Македонија со 32:20.
Бронзата ја освои Шпанија со триумф над Франција со 35:29, а македонските ракометари завршија на 24-то место.
Следниот мундијал ќе се игра за две години во Полска и Шведска.
Репрезентативеците на Данска со победата против Шведска се најдоа на вечната листа и станаа четвртата земја на која и успеа да стигне до одбрана на круната.
Данците се практично шестиот состав кој успеа да го направи ова бидејќи претходно петпати се случи една земја двапати по ред да се избори за титулата.
Швеѓаните беа првите кои успеаја да стигнат до две титули по ред и тоа на вториот и третиот шампионат. Романците следуваа со трофеи во два наврати (61/64 и 70/74), а потоа и Французите (2009/11 и 2015/17).
Данците сега се приклучија на списокот бидејќи на последните два шампионати успеаја да го направат истото и да се најдат на тронот.
Инаку, со денешната победа селекцијата на Данска скокна на вечната листа каде што Франција е убедливо на врвот со шест златни трофеи и вкупно 11 медали од Мундијалите. Шведска е втора со 12 медали и има по четири златни, сребрени и бронзени медали. Пред Данска е уште Романија која има четири титули од шеесетите и седумдесетите години од минатиот век. Данска има две златни, три сребрени и еден бронзен медал.