Минатиот петок во Домот на АРМ во Скопје се одржа “Гоце фест 2020”, фестивал на кој веќе 31 година се пеат најновите родољубиви и патриотски македонски песни.
Првото место од стручното жири годинава го освои фолк-пејачот Дарко Стојаноски со песната “Сонцето наше”, а тоа го потврди и аплаузот на публиката и извикувањето Македонија, Македонија. Автор на музиката и текстот е Драган Матески, а на аранжманот Љупчо Павловски.
Во песната како што вели тој, се спомнува дека сите сме горди на Сонцето од Кутлеш и гордо го вееме насекаде по светот. Дарко преку песната испраќа една силна порака до сите, дека сонцето ќе живее вечно со нас македонците каде и да сме. Учество на фестивалот имаа врвни македонски музички имиња од фолк-сцената, како и млади интерпретатори. Меѓу нив ќе ги споменеме: Круме Спасовски, Виданка Ѓоргиевска, Ѓоко Дончев, Славка Младеновска, Серафина Фантаузо, Ванчо Тарабунов, Јулија, Дарко Стојаноски и Мирослав Мирчески, Рени, Кристијан Демјански и др.
Фестивалот „Гоце фест” започна во 1990 година, во чест на денот на раѓањето на големиот македонски патриот Гоце Делчев – 4 февруари. Организатор на фестивалот е Ансамблот на народни песни и ора “Гоце Делчев”, а директор е Пеце Здравковски. Дарко Стојаноски за прв пат ќе оствари турнеја во Австралија, а концертите во март и април се организирани од АММД “Никола Карев” од Мелбурн, кој е амбасадор на македонскиот фолклор во изминативе 43 години во кои секогаш го презентира она што е најдобро од Македонија. Со оглед на тоа што Дарко Стојаноски и Спасен Силјановски ќе пеат исклучиво македонски песни, очекувањата се големи.

