– Во Брисел немаше пораз и не чувме „не” за почнување на пристапни преговори на Северна Македонија со ЕУ. Имаше застој, а владите на трите земји членки (Франција, Холандија и Данска – н.з.) ги преиспитуваат своите ставови, рече Сасоли на прес-конференцијата во Скопје со премиерот Зоран Заев.
Тој рече дека очекува за неколку месеци да се смени одлуката, бидејќи сите во Европската унија се за тоа Македонија да го почне преговорите.
– Европскиот парламент, комисијата и советот беа “за”. Мнозинство на владите на последниот совет беа за, но доаѓаа приговори од влади на три земји членки и при тоа не доведоа до заклучок. Немаше негирање за почнување на преговори, но имаше условување дека нешто повеќе треба да се стори. Нашиот страв е дека овој процес може да запре. Тие приговори кои беа покренати од владите на трите земји може да се разгледаат. Одредени влади ги преиспитуваат своите ставови, имаше одлагање, но не одбивање на одлуката. Мислевме дека ќе ги надминеме тие приговори, оти не чувме никакво не. Чувме само одлагање и затоа тоа не е пораз, туку еден вид на застој во процесот, рече Сасоли.
Тој не даде конкретен одговор дали напредокот на Македонија и индивидуалните заслуги на земјата може да се разгледуваат одделно од оние на Албанија.
– Европската унија го состави овој пакет, ако процесот почнеше на инаков начин, ќе се искажевме на поинаков начин. Во овој момент не е можно и не е пожелно, но не значи дека не може да се видат одделно заслугите на двете земји и големото мнозинство, заслугите се признати и на Македонија и на Албанија. Имаме задача да продолжиме по овој пат. И тие приговори од овие три влади ќе бидат лесно и брзо совладливи, рече Сасоли.
Тој рече дека прашањето ќе биде покренато во мај пред Европскиот совет и дека следи конференцијата во Загреб и дека се надева дека ќе има позитивна одлука.
Заев: Мораме да се подготвиме за построг надзор
Премиерот Зоран Заев рече дека Македонија активираше огромна политичка енергија да ја врати земјата на патот на ЕУ и дека за тоа имале силна мотивација. Тој кажа дека непочнувањето на преговори дава простор за евроскептиците и дали унијата останува на своите политики. Тој рече дека земјата мора да продолжи со реформите, особено во делот на владеење на правото.
– Веруваме во вредностите на ЕУ и веруваме дека вратата за нас ќе биде отворена наскоро. Претстојните дискусии во ЕУ со огромен консензус за проширување, заедно со промена на методологијата, особено со Франција и со ЕУ институциите да работиме на концепт кој ќе ги задоволи интересите на сите. Тој процес подразбира построг надзор, подготвени сме за тоа и сакаме да учествуваме во тоа, и да не се доведува во тоа прашање, рече Заев.