На посебна свеченост во галеријата Даут-пашин амам беше врачена наградата „Роман на годината” за 2016 година на Давор Стојановски за книгата „Собирачи на пепел”, во издание на „Или-или”.
Награда ја доделува „Утрински весник”, ја спозорира “Македонски телеком” а Стојановски беше избран за нејзин годинашен добитник од жирито во состав Петар Андоновски, Гордана Михаилова-Бошнакоска, Маја Бојаџиевска, Нове Цветаноски и Катарина Богоева.
Стојановски писател од младата генерација и е 18-ти лауреат на оваа книжевна награда што ја доделува „Утрински весник”.
– Пред да го почнам пишувањето на овој роман, си го поставив прашањето: Што ако еден ден се враќаш дома и начекаш променета брава и твојот клуч не функционира повеќе? Потоа, што кога ќе застанеш пред својата куќа и се обидеш да се надвикуваш себе си внатре? На крајот што кога ќе се одлучиш наеднаш да се разединиш во она што ти е извесно и целосно податливо, а постојното и знајното да го претвориш во неизвесност каков што е погледот фрлен врз пепелта која само сведочи за некој живот и само знаеме дека постоел, но не сме сигурни во каков облик. И така настана овој роман – рече Стојановски во своето обраќање.