Премиерно прикажан во Сиднеј краткометражниот филм ДЕДО

Филмската продукција Opening Act Films на 21 март во просториите на Civic Theatre во Хрствил премиерно го претстави својот најнов краткометражен фил „Дедо” во режија на Тони Радевски.

Прикажувањето беше наменето за глумците, покровителите и за сите оние што помогнаа да се реализира овој филм, посебно членовите од македонската заедница. Со посебна културна програма настапи и КУД „Илинден” од Рогдаел.
Режисерот Радевски во своето излагање им се заблагодари на членовите на македонската заедница кои со воодушевување прифатија да ја поддржат неговата иницијатива да се реализира неговото сценарио кое е засновано врз лично искуство во поширокиот круг на неговото семејство. Тој умешно ја долови генерациската и културната разлика меѓу првата, втората и третата генерација Македонци кои живеат во Австралија. Радевски главно го опишува ликот на неговиот внук (кој постојано е на неговиот мобилен дури и на погребот на неговиот дедо) и ликот на неговиот вујко (кој иако е мртов, лежи во ковчегот, му ги дава последните совети на внукот), а сето ова се одвива во македонската црква каде сите се дојдени на погреб и му оддаваат почит на умрениот. Се прикажаа македонските обичаи, генерацискиот конфликт и пренесувањето на македонската традиција на следните генерации без разлика каде тие живеат во дијаспората. Главната улога на дедо ја играше познатиот драматург, глумец и режисер Stefo Nantsou, во придружба на Jesse Hyde (внукот Конар), Luisa Hastings (мајка), Valentina Apostolovska (тетка), Candy Mejias (девојка), Father Naum (поп), Javorka Cirkovic (тажалка), Aileen Ann Beale (крупна жена).
Во своето излагање, продуцентот Pete Ireland, посебно им се заблагодари за помошта и подршката на членовите на Австралиско македонскиот театар од Сиднеј, на македонската женска асоцијација „Добро Утро”, на македонското пензионерско друштво „Св Ѓорѓи” и на Македонската православна црковна општина „Св Кирил и Методиј” како и на покровителите кои финансиски го помогнаа реализирањето на оваа продукција.
По зборовите на режисерот Радевски, „Дедо” ќе биде дистрибуиран низ целиот свет и ќе земе учество на повеќе фестивали за краткометражни филмови како и на фестивалот „Браќата Манаки” во Битола. Инаку Радевски е автор и режисер на четири краткометражни и документарни филмови и има добиено неколку австралиски и интернационални награди. Тони Радевски инаку работи како професор по филм на Универзитетот Notre Dame во Сиднеј.

Душан Ристевски

Останати вести