Британскиот премиер Дејвид Камерон објави дека во октомври ќе се повлече од премиерската функција, како резултат на одлуката на Британците на вчерашниот референдум за излез на Велика Британија од ЕУ, јави Би-Би-Си.
– Верував и се уште верувам дека на Велика Британија и е подобро да биде во ЕУ, затоа што во Унијата таа е посилна и побезбедна, но Британците одлучија поинаку и во такви услови на земјата и треба ново водство, рече Камерон во своето обраќање до британската јавност.
Зборувајќи пред влезот на Даунинг стрит 10, Камерон соопшти дека за својата оставка утринава ја известил и британската кралица Елизабета.
Актуелниот премиер рече дека ќе остане на функцијата до избор на нов лидер на неговата Конзервативна партија, што треба да се случи во октомври, на редовната есенска партиска конфернција на ториевците.
Камерон рече дека идната недела ќе учествува на Самитот на ЕУ, на кои детално ќе ги извести европските лидери за референдумот и одлуката на британските гласачи, како и за своето решение да се повлече од функцијата.
Британскиот премиер ги увери Британците дека не треба да стравуваат за себе, затоа што британскиот бизнис е силен и стабилен и дека финансиските пазараи се сигурни.
Тој ги уверуваше Европејците во Велика Британија дека не треба да стравуваат за себе и за својата иднина, во земјата. Камерон ги увери и британските државјани дека пасошот, прашањето на визите и сите други работи околу движењето низ светот остануваат да важат, но дека новото британско водство ќе мора наново да преговара со Брисел.
Дејвид Камерон е лидер на Конзервативната партија од декември 2005 година. Прв пат бее избран за премиер во мај 2010 година, а на мајските избори во минатата година, извојува уверлива победа по што формира влада на конзервативците, прва по владата на Џон Мејџор.