Ден Дончев, кој сега се наоѓа во Македонија, во емисијата „360″ степени на телевизија “Алсат-М” минатата недела зборуваше за случајот со продажбата на „Македонска банка”, кој беше практично првата т.н. „бомба”.
За потсетување, во пресрет на ланските парламентарни избори лидерот на СДСМ, Зоран Заев, објави серија телефонски разговори во кои Груевски, како лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во 2003 и 2004 година договара продажба на „Македонска банка” со контроверзниот српски бизнисмен Јовица Стефановиќ-Нини и од тоа бара за себе исплата на 1,5 милиони евра во кеш. На снимките е и гласот на посредникот во зделката – Ден Дончев, тогашен генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ. Подоцна, да се потсетиме, Груевски го тужеше Заев за клевета и го доби процесот, но истрага за случајот продажба на “Македонска банка” објективно не беше отворен.
Од снимката се дознава дека Груевски го продава мнозинскиот пакет од банката, тогаш проценет на 2,4 милиони евра а од тоа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ добил 1,5 милиони евра во кеш.
При процесот за клевета Судот одби да го прими Ден Дончев како сведок. Затоа, пак сведочеше газда Нини – во корист на Груевски. Заев доби пресуда да префрли 50 илјади евра на сметка на тужителот кој бил навреден и имал психолошки проблеми заради тоа. Но парите не се исплатени зашто предметот е во жалбена, второстепена постапка пред Апелација.
– Снимките би рекол дека не се од странски служби и мене ми личат како да се немонтирани, несечени и нелепени – го започна своето излагање во емисијата Ден Дончев, едне од протагонистите во тие разговори! Тој оцени дека ова прашање за вистинитоста на снимките секако требало да го утврди судот, но тој не утврди дали снимките се автентични или не, не се впуштил во тоа, туку едноставно не дозволил снимката да биде предмет на судскиот случај – се утврдило дека има клевета без да има основ (извор) на кој би се темелело тоа тврдење.
Водителот потсети дека Дончев во своите јавни настапи вели оти ако има нешто спорно во таа продажба, тоа е само можната даночна евазија.
– Самата продажба на “Македонска банка” од страна на акционерите беше легална и тие се признаени од страна на НБРМ како сопственици. (Тоа се оф-шор компании, потсети водителот). Начинот на кој овие акционери дошле до сопственоста не е предмет на овој случај, иако можеби заслужува посебна истрага. Никола Груевски при тоа имал индиректна контрола врз овие акционери – оцени Ден Дончев. – Единствен спорен момент со продажбата е исплатата во готово на 1,5 милиони евра. Тоа е начин на исплата, иако е шокантен и тоа не е противзаконско. Но, противзаконско е ако приливот односно одливот не е пријавен заради даночни потреби. Дали тој приход е пријавен од 6- те акционери (оф-шор фирми за кои треба да претпоставиме дека се во сопственост на ВМРО-ДПМНЕ, инаку како груевски би продавал нивни имот!?) односно постои можност на добивка која ако би била предмет на оданочување би изнесувала 300 илјади евра. Тоа е евазија на данок, заклучи Дончев.