„ЕДИНСТВЕНИОТ НАЧИН ДА СЕ СПРАВИМЕ СО ТЕРОРИЗМОТ”
Чешкиот претседател Милош Земан ја повика Европската Унија да почне со депортации на бегалците од Блискиот Исток и Африка бидејќи последниот терористички напад во Барселона покажал, како што кажа, дека тоа е единствениот начин Европа да се избори со исламскиот тероризам.
„Последните настани во Барселона покажаа по десетти пат дека депортациите се единствениот начин да се ослободиме од исламскиот тероризам”, кажа Земан во своето редовно интервју за приватната чешка телевизија ТВ Барандов.
Тој изрази надеж дека ЕУ конечно ќе го слушне она што го тврди Вишеградската група – дека бегалските квоти сигурно не се решение за миграциската криза и кажа дека гледа придвижување кон тој став во Австрија, но дека сигурно ќе го одбијат Грција и Италија кои се на удар на емиграцискиот бран.
„На Италија и на Грција треба да им се помогне, но на нивна територија и не така за тие и понатаму да ги пуштаат емигрантите преку своите граници”, кажа Земан.
Чешкиот претседател повторно ја критикуваше ЕУ за тоа што не е во состојба да излезе на крај со бегалската криза, но истакна дека тоа воопшто не ја менува неговата верба во основната идеја на ЕУ.
„ЕУ сосема сигурно слабее и пропаѓа. Ние кои ја сакаме основната идеја на ЕУ, а поради тоа во претседателскиот замок и го кренав нејзиното знаме, понекогаш тивко а понекогаш гласно патиме”, кажа Земан и додаде дека виновници за таквата состојба според него се актуелните лидери на Унијата.
Земан, како и во повеќето интервјуа, повторно го кажа барањето да се укинат санкциите на ЕУ против Русија, а сега тоа барање го истакна како решение на проблемот со високите маржи во чешките продавници.
„Трагедија се маржите на нашите трговски мрежи. Побарав да ми направат убава табела и имам споредба какви биле маржите пред 15 години и денес. Да не должам, маржата кај кифлите била 13 отсто а денес е 67 отсто. Треба да настојуваме да се укинат санкциите против Русија и руските санкции против нас, да настојуваме да се пробиеме на кинескиот пазар и да се трудиме да ги укинеме апсолутно бесмислените дотации на ЕУ за да не се произведува”, изјави Земан во интервјуто за чешката телевизија.